/ Прочитано:

1.172

Светскиот ден на човековите права обележан од предизвикот на иднината: може ли интернетот да стане универзално човеково право

Интернетот е сè освен едноставен; сè уште наголемо сметан за неодредена категорија, тој се развива на крајно непредвидлив начин. Сложеноста на неговата природа и оптовареноста на модерното време наметнуваат прашања за кои уште нема јасни одговори. Треба ли секому да му се овозможи пристап на интернет? Станува збор за право или за привилегија? Барањата на поборниците за оваа кауза е стара речиси колку и самиот интернет, а неговата двонасочна формула не престанува да вознемирува: додека интернетот се менува низ општествените процеси, самиот ги трансформира нашите општества. Експертот за човекови права, д-р Аристид ла Фаучи, адвокат од Хамбург, СР Германија, тврди оти идното можно востановување на интернетот како човеково право не треба да се ограничи само на пристапот до него, туку да се прошири и на регулирање разни подробности, пред сè, за сигурно и за долгорочно ползување на неговата инфраструктура.

Не треба да чуди што барањата за внесување на интернетот во списокот на универзалните човекови права стануваат сè погласни. Ако се фрли поглед врз досегашниот развој на дискусијата на глобално рамниште, за проблемот се давани решенија на повеќе наврати, пред сè, во рамките на Организацијата на обединетите нации (ООН), коишто во своите досегашни објавени документи го сметаат пристапот до интернет како основно човеково право. Од одржувањето на првиот Светски самит за информатичкото општество во 2003 година до денес, прашањето за интернетот како човеково право не ја напушти агендата на ООН, но одговорите на коишто наидува сè уште се во голема мера неусогласени и страдаат од разногласието на земјите-членки. Од друга страна, некои држави, како што е Финска, во своето современо законодавство веќе имаат востановено уредби со кои на секој граѓанин му се овозможува правичен пристап до виртуелната мрежа со одредена брзина.

 Секојдневието незамисливо без интернет, но не и без опасности

Гледајќи на светлата страна, правото на пристап до интернет би обезбедило никој да не биде исклучен од светската мрежа против својата волја. Впрочем, во втората декада од дваесет и првиот век не треба да биде спорен фактот дека присилното исклучување од интернетот е извесен вид дискриминација. Овој тренд можеше да се предвиди уште во деведесеттите години од минатиот век, кога аргументите во преден план ги ставаа непречениот пристап до информацијата, правото на изразување сопствено мислење, како и нивната важност за либералните демократски општества: како информационен медиум и како нов вид јавност, интернетот стана основна подлога за идните општествени дебати и за политичките процеси на градење јавно мислење.

Во еднаква мера, на интернетот може денес да се гледа како на темелна инфраструктура слична на поштата, на патната мрежа или, пак, на електродистрибуцијата. Оној што нема пристап и што не може да користи сопствена електронска адреса е поставен пониско во развиеното демократско општество, што во извесен поглед може да се земе и како показател за социјална сегрегација. Интернетот, во својата денешна форма, е неопходен за остварување на правото на образование, на правото на работа, на правото на учество во културниот живот, на правото на самоопределување на народите, на правото на развој — голем е бројот на човекови права што според многумина не можат да се обезбедат во денешни услови без пристап до интернет.

Од друга страна, навлегувањето на интернетот во човековото секојдневие, само по себе, претставува закана за личните права, како што е правото на заштита на личните податоци, односно заштитата од засегнување во личната приватност. Овие стравувања стана особено изразени по откривањето на сомнителните „шпионски“ практики на повеќе влади низ светот, коишто по обичај се убедени оти го прават најдоброто за народот дури и кога засегнуваат ви неговата приватност. Не постои гаранција дека некоја влада нема да ги злоупотреби стекнатите информации, но на спротивната страна останува да важи правилото дека секој е самиот одговорен за мерата со која споделува детали за својот приватен живот во виртуелниот свет.

Општеството го менува интернетот, интернетот го менува општеството

Појавата на интернетот отвори нова страница во историјата на човештвото, а нејзиното глобално значење е тешко мерливо во моментните услови. Интернетот со невидена брзина ги менува нашите општества и продолжува да се развива преку сè поголемото учество на модерната индивидуа, но сè повеќе да станува и предмет на ограничувања од страна на државните апарати и на интересите на капиталот. Еминентната тежина на интернетот во светски рамки го прави по секоја цена предмет на конфликт на интереси што сакаат да владеат со неговите функции, да ги менуваат неговите особености и, конечно, да ги регулираат неговите последици. Во пресек на ваквата состојба, д-р Аристид ла Фаучи, адвокат од Хамбург, СР Германија, и експерт за човекови права, тврди оти идното можно воспоставување на интернетот како човеково право не треба да се ограничи само на пристапот до него.

 „На секој поединец му следува правото на пристап за пренесување податоци и правото неговите податоци безбедно да бидат пренесени. Секој поединец има право на пристап за соодветно складирање, т.е. за меморирање на податоците. Сите луѓе имаат право на сигурна комуникација преку интернет, како еден од носечките столбови на денешницата. Сите луѓе имаат право да го користат интернетот како ресурс и како инфраструктура за да можат самите да создаваат општочовечки добра. Ваквата поставеност на нештата претпоставува востановување конкретни мерки, односно договори, регулативи и закони, првин на меѓународно, а потоа и национално ниво, но сега е најважно да се остане глув сред актуелните дискусии за аферата на Едвард Сноуден, бидејќи сериозно ќе влијаат на климата за натамошно регулирање на интернетот“, укажува ла Фаучи.

Формулирањето и востановувањето универзални човекови права поврзани со интернетот би било голем чекор напред на глобалното општество, но ако се има наум оти во одредени делови во светот, најочевидно во Африка, сè уште има луѓе што не ги уживаат веќе утврдените универзални човекови права, чиј светски ден се одбележува секоја година на 10 декември, несигурен е одот на меѓународната заедница кон воспоставувањето правна рамка за интернетот како човеково право во догледно време. Барањата на поборниците за оваа кауза е стара речиси колку и самиот интернет, а неговата двонасочна формула не престанува да го вознемирува обичниот човек: општеството продолжува да го менува интернетот, интернетот не престанува да го менува општеството.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 10.12.2013