/ Прочитано:

2.110

СВЕТСКИТЕ ТРЕНДОВИ ВО ПРОБИВ НА ДОМАШЕН ТЕРЕН: Адвокатските друштва бараат прецизирање на поимот „рекламирање“ во адвокатурата

Забраната за истакнување на имињата и називите на клиентите на веб-страницата на адвокатот што ги застапувал и што ги застапува е апсолутно неприфатлива, реагираат дел од адвокатските друштва во земјава по известувањето на дисциплинскиот обвинител на Адвокатската комора на РМ (АКРМ) дека од 15 февруари, освен што ќе се санкционираат оние што се рекламираат и што даваат правни совети во медиуми, дисциплински постапки ќе има и за оние што не ги усогласиле своите веб-страници во поглед на листите на клиенти.

Рекламирањето на адвокатската дејност и давањето правни совети во Македонија е забрането со актите на Адвокатската комора, и тоа со Статутот, со Кодексот на професионална етика, како и со Правилникот за дисциплинска одговорност. Адвокатскиот еснаф е согласен дека рекламирањето и барањето клиент на недостоен начин е за осуда. Сепак, сеприсутноста на интернетот во денешно време ја доведува во прашање актуелноста на воспоставените акти и сè поочигледно ја наметнува потребата од нивно осовременување, сметаат дел од адвокатите и бараат прецизирање на поимот „рекламирање“, во согласност со светските трендови во адвокатурата. Како проблематична ја посочуваат забраната за истакнување листа на клиенти на сопствената веб-страница.

„Постои Правилник за дисциплинска одговорност и во него прецизно е кажано дека  е забрането истакнувањето на имињата и називите на клиентите на веб-страницата на адвокатот што ги застапувал и што ги застапува. Не се смета за рекламирање, спротивно на Кодексот и Правилникот за дисциплинска одговорност, објавувањето на основните податоци за адвокатот, без истакнување на лични и професионални квалитети на адвокатот на веб-страницата. И ако е тоа така, мора да се почитува бидејќи адвокатите се членови на Адвокатската комора на РМ, а постапка за да се смени тоа постои и секој може да ја иницира. Многу од адвокатите не ги почитуваат и условите во однос на таблите истакнати пред адвокатските канцеларии, но тоа понатаму ќе биде на дневен ред“, вели за Академик дисциплинскиот обвинител Синиша Станковиќ.

Дисциплинскиот обвинител појаснува дека рекламирање претставува и објавувањето на рангирање на адвокатите или адвокатските друштва, опишување на адвокатот или друштвото како најдобар/о, најуспешен, на прво место, објавување поврзаност со адвокатски фирми, дека адвокатот или друштвото се дел од групации и слично, како и објавување написи со содржини со кои адвокатите или друштвата се издвојуваат како најдобри или подобри од другите.

Димитров: Како ќе знае потенцијалниот клиент кому да се обрати за правен совет?

„Секогаш сум бил и повеќе од транспарентен во моите заложби против саморекламирањето во нашата професија. Сум ги напаѓал сите што, наместо добро да се подготват за предметот што го застапуваат, подобро се подготвени за изјава пред камери. Жесток противник сум и за лажните референции и за некогаш смешните рангирања од странските веб-пребарувачи. Она со кое не можам да се согласам е да ги избришам имињата на моите клиенти од мојата веб-страница, со што сум ставен во нерамноправна положба на пазарот. Не само што би ги ставил клиентите на кои сум горд во мојата работа, туку, на пример, би ставил и колку данок сум платил досега. Сите овие податоци говорат за нашиот кредибилитет како луѓе и како професионалци“, вели Георги Димитров, управувачки партнер во „Георги Димитров адвокати“.

Според Димитров, клучното прашање е како ќе знае потенцијалниот клиент кому да му се јави за правен совет, особено ако е мултинационална компанија што првпат влегува во Македонија.

„Како ќе дознае за моите референции ако не ставам на веб-страницата што сум работел досега и за кого? Или, каква независност на професијата ми гарантира мојата комора ако достапноста до мене и до мојата работа ја прави зависна од странски пребарувачи, амбасади и државни органи? Искрено се надевам дека во желбата да се справи со негативните појави, што сигурно ќе бидат поддржани од сите што ѝ мислат добро на оваа професија, Адвокатската комора прави и грешка кога објавувањето на името на клиент за кого сум работел, се разбира, со дозвола од клиентот, го смета за рекламирање. Нема тука рекламирање, или сум работел или не сум работел. Имено, старо е правилото дека адвокатот или адвокатското друштво се онолку добри колку што се сериозни клиентите што ги застапуваат. Можете вие за себе да мислите дека сте најдобрите во светот, но ако тоа не е препознаено од клиентите, можете само да раскажувате приказни во локалната берберница за тоа колку ве бидува. Се разбира, ниту еден сериозен адвокат или адвокатско друштво не би ги ставил имињата на клиентите на својата веб-страница без нивна согласност“, посочува тој.

Трпеноска: Листата на клиенти укажува на специјалноста на адвокатот

Содржината на Правилникот за дисциплинска одговорност, што предвидува забрана за истакнување на називите на клиентите на веб-страниците на адвокатите, е неприфатлива и за Наташа Трпеновска, управувачки партнер во адвокатското друштво „Трпеноски“.

„На ваков начин се оневозможува потенцијалните клиенти да одберат адвокат или адвокатско друштво што најдобро ќе ги застапува нивните интереси. Имено, листата на клиенти укажува на специјалноста на адвокатот/друштвото, а личните и професионални квалитети се дел од биографијата на адвокатот и претставуваат атрибути што даваат огромен придонес за правилен избор. Секако, клиентите се посочени со нивна претходна писмена согласност“, вели таа.

Што се однесува до забраната за објавување на рангирање на адвокати или адвокатски друштва, според Трпеноска, тие рангирања се резултат на опсежни и долготрајни истражувања од страна на правните ревии, кои, врз основа на добиените податоци од локалните и интернационалните пазари, даваат оцена за квалитетот на адвокатот/друштвото.

„Секако дека високиот ранг е своевидна сатисфакција за трудот, едукацијата, посветеноста, професионализмот и задоволството на клиентите кон што би требало да се стремат сите адвокати, па нема никаква причина ваквите објективно добиени резултати  да не се истакнат“, вели адвокатката.

„Потребно е да се нагласи дека давањето изјави за медиумите од страна на одредени адвокати, особено на телевизиите по секој атрактивен процес, кога се именуваат со забелешка дека се адвокати на високи функционери во актуелната власт, по мене, претставува поголема реклама отколку листата на корпоративни клиенти на веб-страницата на адвокатот/друштвото“, додава Трпеноска.

Поленак: Несоодветно и погрешно толкување на застарените акти на Комората

„Во нашето адвокатско друштво со интерес го прочитавме известувањето од дисциплинскиот обвинител објавено на веб-страницата на АКРМ. Веднаш забележавме дека тоа се повикува на документи и правилници што не се објавени на веб-страницата, па претпоставувам дека цитираните одредби се точно пренесени. Ова укажува на итната потреба од имплементација на информатичкото општество во работењето на АКРМ, а недостатокот на современи методи на работа, веројатно, е и една од причините за постоење на анахроничните одредби во актите на Комората“, вели Кристијан Поленак, управувачки партнер во адвокатското друштво „Поленак“.

 Тој истакнува дека рекламирањето и барањето клиент на недостоен начин е за осуда, како и презентација со префиксот „нај“, но истовремено смета дека ограничувањето на промоцијата со рангирања од страна на релевантни меѓународни публикации е ригидно и застарено. Поленак е категориичен дека во 21 век веб-страниците на адвокатите не можат да содржат само име, презиме, адреса, телефон и област од дејноста.

„Дали се недостојни содржините на веб-страниците на најголемиот дел од адвокатските друштва само поради тоа што ги посочуваат стручноста и искуството на нивните адвокати, нивната вмреженост и нивниот меѓународен рејтинг? Ќе се согласите дека очигледно не е така. Напротив, мој став е дека ваквите толкувања доаѓаат исклучиво со цел да се оневозможи потенцијалните клиенти да направат разлика и да одберат врз основа на понудениот квалитет и пазарни услови. Зарем денес, во 21 век, може да се прифати дека веб-страницата треба и може да содржи само име, презиме, адреса, телефон и област од дејноста!? Што правиме, на пример, со адресата за електронска пошта, зарем е забрането нејзино објавување? Понатаму, зошто е ’недостојно’ објавувањето на поврзаност со други адвокатски фирми, групации и слично!? Како е недостојно ова? Дали нашиот дисциплински обвинител ќе поведе постапка поради ’недостојноста’ и спротивноста со Кодексот на објавувањето на стручни трудови подготвени од адвокат? Од овие примери станува очигледно несоодветното и погрешно толкување и на ваквите застарени акти на Комората. Органите на Комората наместо навистина да се зафатат со горливите прашања – борбата против нелојалната конкуренција, еклатантните неетички постапки, санкционирањето на надриписарството, подигнувањето на квалитетот и знаењата на адвокатите, на стручните соработниците и на приправниците, иновативноста во адвокатската дејност, објавуваат вакво известување и се закануваат со казни“, потенцира Поленак.

Тој потцртува дека во секоја професија треба да има добри, подобри и најдобри и дека тие не треба да се кријат затоа што се поуспешни од другите.

„Според споменатото известување, произлегува дека според АКРМ, односно според дисциплинскиот обвинител, не смее да има подобри и најдобри. Нашите шампиони треба да се кријат, да молчат и да бидат незабележливи само затоа што се поуспешни од другите, за да може да се спроведе идејата за „уравниловка“. Жално и трагично е за една професија која треба да биде одлика на слободата и правдата“, вели Поленак.

Чакмакова: Веб-страницата на адвокатите не може да се подведе под изречната забрана за рекламирање

Билјана Чакмакова, управувачки  партнер во адвокатското друштвото „Чакмакова адвокати“, смета дека вината главно треба да се бара во адвокатите и друштвата кои досега не иницирале прецизирање на поимот рекламирање, во согласност со светските трендови во адвокатурата.

„Точно е дека има општа одредба со која се забранува рекламирање на адвокатите и адвокатските друштва. Тоа е одредба која е заостаната во Статутот на АКРМ – уште од времето кога Интернетот немаше широко поле на примена и користење. Забраната за рекламирање се однесувала пред сè на рекламирање преку радио, ТВ, весници. Адвокатите и адвокатските друштва се виновни што не најдоа за потребно да се прецизира поимот рекламирање, во согласност со светските трендови во адвокатурата“, вели таа.

Отстранувањето на клиентите од веб-страниците, според Чакмакова, е на штета на адвокатурата, додека нивното истакнување е во интерес на идните клиенти.

„Веб-страницата на адвокатите/адвокатските друштва не може да се подведе под изречната забрана за рекламирање бидејќи мора да содржи податоци за професионалниот тим, искуството и портфолиото. Отстранувањето на клиентите од веб-страницата е одредба подоцна утврдена само со Правилникот за дисциплинска одговорност, што – по наше мислење – е за жал повторно на штета и значи негирање на работата на адвокатите/адвокатските друштва. Дали ќе бидат наведени клиентите на веб-страницата на адвокатот/адвокатските друштва, треба да одлучуваат клиентите, а не АКРМ. Тоа е во интерес на идните клиенти кои ќе можат да ги проверат наведените податоци за да си обезбедат најдобра заштита, во согласност со специјалноста и искуството на адвокатот/адвокатското друштво во одредена област на правото. Наместо АКРМ да се фокусира и да презема прогресивни чекори во зачувување и зголемување на предметот на работа, и меѓу другото – да ги измени и да ги модернизира овие одредби, им се заканува со дисциплински мерки на своите членови“, вели таа.

Наспроти ова, адвокатката посочува дека консултантските друштва, кои не се членови на АКРМ, во кои главно се вработени адвокати, имаат добро разработени веб-страници со наведени клиенти.

„Овие правни консултантски друштва имаат добро разработени веб-страници со наведени клиенти, врз кои не  можат да се реализираат овие забрани и закани и тие сè уште слободно ќе се рекламираат, дури честопати и со невистинити податоци. Мора да се дејствува за заштита на интересите и на адвокатите и на клиентите, и на правната сигурност воопшто“, категорична е Чакмакова.

АКРМ да преземе итни мерки за измена на актите

Според Димитров, Комората во итна постапка треба да ги приспособи актите во насока да можат да се објавуваат вистинити податоци од биографијата на адвокатите и адвокатските друштва, па и имињата на клиенти од кои имаат одобрение за објавување.

„Во спротивно, Адвокатската комора само ќе им го зголеми бизнисот на оние од светот кои рангираат адвокати во Македонија, од проста причина што за Легал 500 или Чемберс и Партнерс од Лондон не важи Правилникот за дисциплинска одговорност на кој се повикува дисциплинскиот обвинител во своето ценето соопштение. Тоа значи дека на 16 февруари 2015 за нашите референции нема да сведочат имињата на нашите клиенти, туку она што на заинтересираните ќе им го кажат специјализираните светски пребарувачи.

Затоа од претседателот и од раководството на Адвокатската комора барам да преземат итни мерки за измена на овој дел од Правилникот за дисциплинска одговорност. Убеден сум дека тие не би сакале странските компании што рангираат адвокати, странските амбасади и коморески здруженија или државните органи, кои ги примаат инвеститорите, да бидат примарните адреси од каде што странските инвеститори дознаваат за нашите референции. Зошто, на пример,  веб-страницата на Адвокатската комора не би објавувала вистинити податоци за бројот на нашите вработени, за имињата на нашите клиенти, за искуството на адвокатите или адвокатските друштва?“, прашува тој.

Претседателот на АКРМ: Дисциплинскиот обвинител е должен да ја санкционира секоја повреда

Според претседателот на АКРМ, Никола Додевски, пак, рекламирањето на адвокатската професија го урива угледот на адвокатурата на најниско ниво. Според него, поразително е адвокатска канцеларија да рекламира застапување во сите видови постапки на веб-страници на кои се продаваат стари возила.

„Го поддржувам дисциплинскиот обвинител на АКРМ во одлучното спроведување на неговата законска обврска за санкционирање на однесувањата на адвокатите што не се во согласност со Законот за адвокатурата и со Актите на Адвокатската комора и што претставуваат повреда на адвокатската етика и дисциплинска повреда од кој било вид. За жал, имаме однесувања на адвокатите, без оглед дали се организирани како адвокатски друштва или како канцеларии, да привлекуваат клиенти со неетичко однесување што го спушта угледот на адвокатурата на најниско ниво. Жално е да се види на веб-страници на кои се продаваат стари возила како се рекламира застапување во „сите видови постапки: стопански, граѓански, кривични; изработка на правен ’дју дилиџенс’“ од страна на адвокатско друштво или адвокатска канцеларија и на такви веб-страници да ги објавуваат и имињата на клиенти за кои работеле. Или на своите веб-страници си ставаат реклами во вид на етикети дека се најдобро друштво, најдобар адвокат, прворангиран,  препорачан од и сл. Им плаќаат на одредени веб-страници што се бават со тоа и потоа ги ставаат рекламите на своите веб-страници. Ова е типичен пример на заведување на клиентите затоа што во Македонија нема рангирање на адвокатите, ниту избор на најдобар. Тоа се рекламни трикови чија мета е клиентот,  особено странскиот. Од  друга страна се гласни дека угледот на адвокатурата е на ниско ниво. Да, угледот сами го спуштаме и со вакво нелојално привлекување клиенти преку  ’нудење’ на адвокатурата, која е уставна категорија- независна јавна служба што обезбедува правна помош и што врши јавни овластувања,  заедно со половен мебел. Ајде сега, за да привлечат клиенти, да си лепат реклами и другите јавни служби: најдобар нотар, најдобар извршител, кои им ги доделил некој интернет пребарувач “, вели Додевски.

Што се однесува до објавувањето на листата на клиенти, според Додевски и тука станува збор за рекламирање кое не е дозволено и претставува дисциплинска повреда која дисциплинскиот обвинител е должен да ја процесира.

„Голем број адвокати и адвокатски друштва ги објавуваат називите  на своите клиенти, па дури и ставаат описи на конкретни предмети. Колку се вистински тие информации или колку се дозволени од клиентите, е друга работа, но сето ова е рекламирање кое не е дозволено и претставува дисциплинска повреда која дисциплинскиот обвинител е должен да ја процесира“, потенцира тој.

Додевски, како двојна повреда на адвокатската етика го посочува давањето правни совети во печатените и електронските медиуми.

„Саморекламирање со излегување на телевизии и давање бесплатни правни совети претставува двојна повреда на етиката, и затоа што е рекламирање, и затоа што се дава бесплатна правна услуга, а за несериозноста во вршењето на професијата и за рушењето на угледот не треба ни да коментирам. Ќе се јави некој во една минута на телефон и адвокатот ќе му го реши проблемот и тоа бесплатно. Или давање изјави од адвокат во интервјуа, како тој успеал во голем број предмети од одреден вид, пред одреден суд . Ова се негативни состојби што е должна да ги реши Адвокатската комора на Македонија преку своите органи дисциплински обвинител и дисциплински суд. Објавеното известување на дисциплинскиот обвинител на Адвокатската комора на Македонија е превентивен чекор со прецизно потсетување на регулативата и рок за усогласување со неа“, вели тој.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 27.01.2015