Taксим расчистен — синдикатите во Турција повикаа на масовни протести
Понеделник, 17 јуни 2013 – Откако турската полиција со сила го расчисти истанбулскиот плоштад Таксим утринава останаа само мал број полицајци, пренесоа светските медиуми.
Во последните два дена, полицијата ги блокираше сите патни правци во центарот на Истанбул, околу плоштадот Таксим и паркот Гези, кој изминативе 18 дена се окупирани од демонстрантите кои проестираат против плановите за изградба на трговски центар и режимот на Ердоган.
Општинските служби го исчистија реонот на плоштадот и посадија нови цвеќиња околу споменикот во центарот на Таксим. На улиците покрај плоштадот, меѓутоа, уште може да се забележат траги од судирите.
По протестите од изминатата ноќ по улиците околу плоштадот, во Истанбул утринава во целина ситуацијата е мирна, посочуваат агенциите.
Над 600 лица вчера биле приведени во Истанбул и Анкара за време на антивладините демонстрации, соопштија извори од адвокатските комори во двата града, пренесоа француските медиуми.
По распитот приведените биле ослободени или изведени пред обвинител, посочијаа изворите.
Турската приватна телевизија НТВ соопшти дека утринава турските сили за брзо реагирање ги урнале шаторите на демонстрантите во градот Ескишехир, во северозападна Турција. Околу 250 шатори биле кренати и натоварени на камиони. Полицајците употребиле водени топови и солзавец врз демонстрантите. Информациите на телевизијата велат дека има многу приведени.
Турските синдикати, за денеска најавија национален штрајк против премиерот Реџеп Таип Ердоган. Доктори, инженери и стоматолози ќе штрајкуваат во знак на незадоволство од исфрлањето на демонстрантите.