/ Прочитано:

1.203

ТАЛЕСКИ: Се чувствуваме супериорни бидејќи вистината е на наша страна

„Јас сум убеден дека Апелациониот суд ќе го согледа тоа и дека ќе донесе исправна и правилна мерка и ценам дека сето ова почнува да добива расплет и сигурен сум дека граѓаните наскоро ќе видат дека ова е наместено, дека сето тоа беше шпекулација и, ќе повторам уште еднаш, не може од еден телефонски разговор кој го водат некои двајца за некој трет само тој третиот да биде обвинет“, рече Талески.

Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола во Апелациониот суд

Решението за продолжување на куќниот притвор на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, првоосомничен во предметот „Транспортер“, за нови 30 дена, кое беше донесено уште на 21 јули од страна на Кривичниот суд во Скопје, денеска беше разгледувано пред Апелациониот суд по жалба на одбраната на Талески.

Адвокатот Никола Додевски во изнесувањето на наводите од жалбата истакна дека Талески неосновано повеќе од 60 дена се наоѓа во притвор. Според него, продолжувањето е незаконско бидејќи предлогот на Специјалното јавно обвинителство, кој го разгледувал Судот, воопшто не ѝ бил доставен на одбраната, со што се нарушува принципот на еднаквост на оружјата и контрадикторноста во постапката.

„Дополнително, образложенијата наведени во предлогот на Специјалното јавно обвинителство се апстрактни врз сите основи, и врз основата за бегство и врз основата за опасност од повторување на делото и врз основата за влијание врз истрагата“, рече Додевски во судницата.

Адвокатот на Талески наведе дека во предлогот на Обвинителството за продолжување на притворот не се наведени ниту доказите врз основа на кои се темели барањето за продолжување на притворот, ниту пак процесните дејствија кои треба да бидат преземени, а поради кои е потребно ограничување на слободата на Талески. Со тоа, рече Додевски, направена е повреда на членот 165 став 4 од ЗКП.

„Што бара овој човек повеќе од 60 дена во куќен притвор кога во меѓувреме сме сведоци дека не се преземени никакви процесни дејствија од страната на Обвинителството, освен тоа што Талески беше повикан да даде исказ во СЈО“, рече Додевски.

Обвинителството, според Додевски, не може да настапува од позиција на суперобвинителство колку само да покаже дека работи нешто. Барањето за продолжување на притворот е типичен пример на неправилно постапување бидејќи, додека се бара продолжување на мерката за Талески, против останатите осомничени во предметот не е определена никаква мерка за обезбедување присуство, а уште повеќе самото Обвинителство бара укинување на куќниот притвор за Слободан Бончановски, второосомничен во предметот, вели Додевски.

Покрај тоа, Додевски истакна дека бидејќи не е ист датумот на донесување на решението за куќен притвор со датумот на доставување на решението до Талески, тој неосновано бил во притвор повеќе од 10 дена.

Обвинителот Трајче Пеливанов, од СЈО, наведе дека останува на предлогот за продолжување на куќниот притвор за Талески и му предложи на Судот да ја отфрли жалбата на одбраната.

Во однос на несовпаѓањето на датумот на решенијата за притвор со времето кога Талевски почнал да го отслужува, Пеливанов вели дека воопшто не прави разлика тоа дали Талески бил дома или не.

Како одговор на тоа дека Обвинителството се поставува како надредена странка во постапката, Пеливанов одговори:

„Сметам дека ова обвинителство во сите предистражни и истражни постапки што ги води има најмалку привилегија во однос на другите органи. Ова обвинителство ниту бара ниту треба да има привилегија, туку треба да биде рамноправно и еднакво со останатите институции“, рече Пеливанов.

Талески во судницата се заблагодари за можноста да ги презентира своите наводи во поглед на постапката што се води против него. Тој рече дека е изненаден од целата постапка бидејќи во својот веќе трет мандат никогаш не постапувал незаконски, ниту пак сторил некакво кривично дело.

„Нема основа за каква било мерка, особено не за куќен притвор. Мене цело време ми е во интерес јас да ги предадам сите докази и документи кои се однесуваат на случајот, со што ќе докажам дека ништо од тоа што се тврди не е вистина“, рече Талески.

На излегување од Судот, Талески повтори дека тој и неговите соработници немаат направено никакво кривично дело и дека се чувствуваат супериорни бидејќи вистината е на нивна страна.

„Јас сум убеден дека Апелациониот суд ќе го согледа тоа и дека ќе донесе исправна и правилна мерка и ценам дека сето ова почнува да добива расплет и сигурен сум дека граѓаните наскоро ќе видат дека ова е наместено, дека сето тоа беше шпекулација и, ќе повторам уште еднаш, не може од еден телефонски разговор кој го водат некои двајца за некој трет само тој третиот да биде обвинет“, рече Талески.

Талески потврди дека тој сè уште ја води Општината и потпишува документи како градоначалник додека е во куќен притвор.

„Моите соработници беа многу изненадени кога дојдоа обвинителите да проверат дали потпишувам документи. Да, јас потпишувам документи, јас сè уште имам мандат и освен мерката куќен притвор немам никаква друга забрана“, заврши Талески.

Денешната јавна расправа се однесуваше на решението за продолжување на притворот на Талески од минатиот месец, кој истекува на 20 август. Апелациониот суд треба да ја соопшти одлуката во следниве денови. Според најавите на СЈО, тие повторно ќе побараат продолжување на мерката куќен притвор.

Талески и уште 22 лица опфатени во предметот „Транспортер“ се осомничени за злоупотреба на 360 илјади евра при незаконско организирање на училишниот превоз во Битола.

М. С.