Танјуг: Меѓународна конференција за управување со правните ризици
Среда, 23 октомври 2013 – Меѓународна конференција „Управување со правите ризици“ ќе се одржи на 24 и 25 октомври во Скопје, во организација на македонската компанија „Академик“, пренесe Танјуг.
„На конференцијата 12 еминентни предавачи од регионот и од светот ќе зборуваат за своите искуства и ставови во однос на правните ризици“, изјави за Танјуг македонскиот адвокат Георги Димитров.
Управувањето со правните ризици е начин за откривање, систематизирање и справување со можните проблеми кои можат да настанат во „правниот живот“ на било која организација. Секој менаџер на организација, компанија, правна канцеларија, претпријатие или шеф на јавна институција треба да има јасна слика за правните ризици со кои се соочува организацијата на чие чело е во моментот на нивното појавување, укажува Димитров.
Тој истакнува дека британскиот адвокат Тим Џонс ќе одржи предавање за правната координација на Олимписките игри во Лондон, Јан Трзасковски од Копенхаген ќе зборува за правните ризици во меѓународната трговија и маркетинг, Блејн Бортник од Њујорк ќе зборува за ризиците во работното право, Анто Нобило од Хрватска ќе говори за неговите искуства во Хашкиот трибунал.
Претставник од Србија на конференцијата е претседателот на белградската Адвокатска комора Драгољуб Ѓорѓевиќ, кој ќе зборува за правните постапки пред Посебното одделение за организиран криминал во Специјалниот суд во Белград и евентуалното влијание на политиката и други притисоци врз работата на судот.
„Лајт-мотив на конференцијата е постигнување на едно од основните правни начела на Европската унија, а тоа е правна предвидливост. Колку повеќе друштвата се правно неуредени, толку се поголеми и правните ризици“, вели Ѓорѓевиќ за Танјуг .
Според него, овие ризици можат да се идентификуваат во управните спорови, стопанските, кривичните, граѓанските, во корпоративното право, договорното…
На конференцијата што ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, пријавени се околу 300 учесници од регионот и светот.