/ Прочитано:

1.295

ТАНТУРОВСКИ: Не постои судир на интереси во случајот со компанијата „Фероинвест“, но треба да се има предвид етичкиот аспект

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Игор Тантуровски, денеска изјави дека во согласност со Законот за спречување на корупцијата, не постои судир на интереси во случајот со компанијата „Фероинвест“, чиј сопственик е заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, која учествувала на тендер во државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ. Според Тантуровски, сепак, треба да се има предвид етичкиот и моралниот аспект на овој случај.

„Јас ја слушав изјавата на Анѓушев, се согласувам со него дека фирмата треба да продолжи да работи, дека таму има над 800 вработени лица и дека тоа е нормална работа тие да продолжат да работат, но етичкиот и моралниот дел како заменик претседател на Владата треба да го носи самиот сопственик на фирмата. Е сега, дали фирмата треба да продолжи да работи со државата или може да работи со многу други приватни фирми, тоа е веќе дел од етиката“, рече Тантуровски.

Вицепремиерот Анѓушев вчера изјави дека нема конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“ и дека тој не управува со компанијата.

„Во согласност со Законот за спречување на корупцијата, имам обврска да се повлечам од управувањето на компаниите. Никаде во тој закон нема дека треба да престанам да бидам сопственик на компаниите. Јас не управувам со компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во Владата“, рече Анѓушев.

М.В