/ Прочитано:

1.798

Таравари: Со лична карта и старата здравствена книшка лекарите може да го проверат статусот на пацинетите

„Сини картони нема да бидат потребни, само со лична карта и старата здравствена книшка лекарите може да го проверат статусот на осигурување на самото место и ако свети зелено, значи сè е во ред, а ако е црвено, значи не се осигурени“, изјави Таравари.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска имаше работна средба со двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување, со претставници на проектот „Мој термин“, како и со претставници на приватните доктори, при што,  како што изјави министерот по состанокот, заеднички донеле одлука во врска со електронските картички.

„Проектот е почнат во 2010, а картичките се користат од 2012 година. Тие картички воопшто не се користат и така ќе продолжи додека не најдеме поинакво решение. Сини картони нема да бидат потребни, само со лична карта и старата здравствена книшка лекарите може да го проверат статусот на осигурување на самото место и ако свети зелено, значи сè е во ред, а ако е црвено, значи не се осигурени“, изјави Таравари.

Во насока на долгорочно решавање на проблемот со електронските здравствени картички, Таравари истакна дека надлежните институции веќе прават планови како да дојдат до најдоброто решение за граѓаните.

„Размислуваме за многу подобро решение, сè уште го бараме најрационалното решение заедно со Министерството за информатички технологии за сите граѓани и за сите пациенти. Во наредните недели ќе разговараме со експертите и ќе дојдеме до најдобрата опција“, нагласи министерот по работниот состанок.

Инаку, на почетокот од овој месец, министерот Таравари најави дека е можно распишување тендер за избор на фирма која ќе печати нови електронски здравствени картички поради тоа што на поголем број од граѓаните картичките им се неважечки, а дел ги немаат добиено.

Тој тогаш на средба со новинарите појасни:

„Сакавме ова да го решиме така што ќе биде три во едно, односно лична карта, возачка и здравствена картичка во едно. Но, од МВР ме информираа дека технички е возможно заедно да бидат само лична карта и здравствена картичка. Така што тоа ќе го направиме, но тоа ќе биде процес кој ќе трае во наредните две до три години. Дотогаш ќе мора да печатиме нови картички“.

А. Б.