/ Прочитано:

961

Тарчуловски денеска излегува од затворот во Германија

Среда, 10 април 2013 – Единствениот македонски хашки затвореник, Јохан Тарчуловски се очекува за некој час да го напушти затворот во Германија, пренесува „Република“. Утре веќе се очекува неговото пристигнување во Македонија, а ова го потврди и неговиот адвокат Антонио Апостолски.

Како што јавува екипата на „Република“ од Германија, илјадници Македонци од дијаспората се заинтересирани за излегувањето на Јохан. Се очекува тој попладне да се сретне со нашите иселеници во црквата во Мајнц, кој во непосредна близина на Диц, каде што Јохан ја одлежуваше осум годишната казна затвор.

Неговиот адвокат Антонио Апостолски потврди дека за утре напладне е предвидено неговото доаѓање.

Одлуката на Хашкиот трибунал следува по барањето на адвокатскиот  тим  за предвремено пуштање, бидејќи Тарчуловски го исполни главниот критериуми, односно одлежа две третини од казната. Покрај ова, во предвид било земено  и неговото добро поведение.

Судскиот процес против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски е единствениот од вооружениот конфликт од 2001 година и единствениот од Македонија, кој заврши на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.  Процесот започна на 16 април 2007 година и заврши за една година. На 10 јули 2008 година, судскиот совет се произнесе со пресудата со која го ослободи од обвинение поранешниот министер за внатрешни работи го Бошкоски од сите обвиненија, а Тарчуловски кој за време на конфликтот беше службеник од повисок ранг во службата за обезбедување на Македонија беше осуден на казна затвор од 12 години врз основа на лична кривична одговорност. Одбраната на Тарчуловски се жалеше на оваа одлука, но жалбениот совет ги одби сите основи за жалба и ја потврди казната. Претседателот на Меѓународниот суд издаде решение, со кое ја определи Германија за држава каде ќе ја издржува казната.