Текстот на Иницијативата за продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци и предложените измени на ЗРО
Продолжувањето на периодот на породилното отсуство е во најдобар интерес на мајките, децата, поширокото семејство и работодавците, се образложува во текстот на граѓанската иницијатива на 217 граѓани за донесување на закон за изменување на Законот за работните односи, поднесена до Собранието на Република Македонија, во чии рамки се предложени и конкретни законски измени на членовите 165 и 171 од Законот за работните односи.
Со гласањето на измените од страна на пратениците, се образложува во иницијативата на 217 граѓани за донесување на закон за изменување на Законот за работните односи, мајките ќе можат севкупно да се посветат на своите новороденчиња, додека пак мајките со патолошка бременост ќе го решат проблемот со периодот поминат со новороденчињата.
„Бебињата сепак добиваат најмногу. Тие, нашите најмили, ќе го добијат она што им е најпотребно, а тоа е нивната мајка. Таа им е потребна во целиот нивен живот, но се согласуваме дека куќата се гради од темелите, па така и најраниот период е од суштинска важност за нивниот психофизички развој“, се образложува во иницијативата.
Во инцијативата упатена до пратениците се нагласува и дека иницијативата е од интерес за работодавците затоа што со зачестеното боледување на мајката која се грижи за своето новороденче се зачестува и нејзиното отсуство од работа. Нововработениот кој за тие нови 18 месеци би ја заменувал мајката, се аргументира во иницијативата, секако дека ќе даде постабилни резултати во работата која ја извршува.
Главна цел поради која ја покренавме оваа иницијатива е заштита на психофизичкото здравје на нашите бебиња кои ги оставаме на 9 месеци во градинка или порано на шест, седум или осум месеци. Психички се неподготвени, но и физички бидејќи постојано се разболуваат. Понатаму доаѓа период кој е неопходен за правилен раст и развој на бебето по пат на доење, затоа што мајчиното млеко е од непроценлива важност за новороденчето како физички така и психички.
Состојбата со која се соочува секоја мајка, се вели во иницијативата, е иста. Периодот на породилно отсуство е премногу мал за да се создаде здрав психофизички развој на бебето. Со измената на Законот за работните односи, односно со продолжување на периодот на породилно отсуство, ќе се решат многу проблеми со кои се соочуваат мајките.
Погрешно е да се гледа на градинките, се вели понатаму во иницијативата, како на место број еден во растењето на нашите деца. Секако, мајките треба да работат и да ги остават децата некому – некогаш на своите родители, некогаш на дадилки, но не секое семејство, се разбира поголем дел, не можат да си го дозволат тоа.
„Останува последното решение во низата – она нужно зло кое се принудени да го прифатат – градинката. Таму ги пресретнува полна хоспитална каде што е невозможно една или две воспитувачки да се посветат на бебето. Потоа тука доаѓа несоодветната исхрана со која се хранат бебињата, храна што соодветствува на поголема возраст се дава на помало бебе итн. Како мајки особено сакаме да укажеме на проблемот со неразвиениот имун систем на нашите бебиња. Според имунолозите, имунолошкиот систем на децата се гради до петтата година од животот. Тука спаѓаат: респираторниот систем, системот за варење, отпорноста на алергии итн. Најчести се респираторните инфекции, потоа кожните, стомачните и уринарните. Од респираторните најчести се оние предизвикани од вируси. Проблемот се продлабочува бидејќи со секое земено боледување се намалува и бруто-платата која се добива на крајот на месецот што дополнително го осиромашува и онака сиромашното младо македонско семејство“, се вели во иницијативата на 217 граѓани за донесување на закон за изменување на Законот за работните односи.
Факт е дека со зголемувањето на наталитетот во државата, се истакнува во иницијативата, не се потребни само добра волја и ентузијазам, туку се потребни и конкретни средства за тоа да се спроведе во дело.
„Ако се земе колку во просек чини одгледување на едно дете, состојбата со иницијативата ќе стане појасна. Огромен проблем со кој секојдневно се сретнуваат мајките што ги оставаат децата на несоодветна возраст е болната разделба. Бидејќи децата се сè уште на мала возраст, тие немаат концепт за време. Кога мајката не е во нивниот видокруг , децата мислат дека мајката ги оставила, односно мислат дека се напуштени“, се вели во иницијативата.
„Размислете добро кога ја донесувате одлуката за или против продолжувањето на периодот за породилно отсуство. Илјадници деца ќе бидат среќни и ќе растат со чувство на сигурност. Илјадници мајки ќе ви бидат благодарни затоа што државата застанала зад нив и зад здравјето на нивните деца. Се вели дека според тоа како една држава се однесува спрема жената, толку таа е и развиена. Повелете и вложете средства во темелот на иднината на нашите деца. А бидејќи темава е широка за дискусија, накратко ќе споменам за проблемот на жените – мајки кои заминуваат на патолошка бременост. Кога по месец-два одлежани на клиника за патологија ќе го родат своето младенче, имаат само шест, односно седум месеци да поминат со него и тоа е сè. Шест, односно седум месеци – тоа, почитувани, не е време во кое може пристојно едно растение да одгледуваме, а не пак дете, бебе, новороденче“, се нагласува во иницијативата.
Основен проблем, се додава во иницијативата, е и проблемот со самото доење. Мајчиното млеко е основен двигател што придонесува за здравјето на нашите најмили. Без мајчиното млеко, се нагласува во иницијативата, се става сериозно под знак прашалник севкупното здравје на нашите деца.
„Во периодот која најмногу му требаме на бебето, ние тогаш тргнуваме на работа. За да немаме проблем со мајчиното млеко кое и понатаму истекува , принудени сме да пиеме лекови кои ја спречуваат лактацијата. Паузата што законски следува поради практични причини не може да се искористи, иако како можност постои во законот. Сепак, ако земеме предвид дека секој од работното место живее бар на половина час и повеќе оддалеченост, јасно е дека оваа можност има свои слабости. За крај, нека ни бидат пример земјите во кои породилното отсуство трае минимум една година“, се образложува во иницијативата на 217 граѓани за донесување на закон за изменување на Законот за работните односи.
M.В