Текстот на предложените измени на Деловникот на Собранието
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Собранието поднесе измени на Деловникот, кои се однесуваат на, како што се вели во предлогот, реализирање на седниците на Собранието и работните тела на далечина.
„Заради непреченост во работата на Собранието, потребно е да се овозможи далечинска, односно електронска работа на пратениците, со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела. За пратеникот кој не може да ја оствари својата функција поради здравствената состојба во која се наоѓа, а која претставува ризик за здравјето на останатите пратеници и поради која е спречен физички да присуствува на седниците на Собранието и на работните тела, со предложените дополнувања на Деловникот се дава можност тоа да се реализира преку одржување на седници на далечина“, образложува претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е предлагач на измените.
„Пратеникот има право и должност да учествува во работата на Собранието и во одлучувањето без лично присуство на седница на Собранието, со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.
Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието преставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган, со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието“, се пропишува, меѓу другото, во измените.
М.В