/ Прочитано:

1.145

ТЕНДЕРСКИ АЛУЗИИ: ЕУ бара македонскиот систем на јавни набавки да биде како знакот на „Мерцедес“

Во Скопје се организираше голема регионална конференцијата „Прогресивно и ефикасно отворање на пазарот за јавни набавки на земјите-потписнички на ЦЕФТА-договорот“. Темата на регионалната конференција беше исполнувањето на обврските од ЦЕФТА-договорот за третманот на јавните набавки. Според модераторот на настанот, Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија, Централно-европскиот договор за слободна трговија – ЦЕФТА, покрај остварувањето на основната цел – либерализација на трговијата со стоки и создавање единствена зона за економска соработка, создаде можност и за соработка во областа на јавните набавки, заради што и беше организирана оваа Конференција.

На регионалната конференција учествуваа претставниците на стопанските комори од регионот, од Унијата на германските трговско-индустриски комори (ДИХК), од Бирото за јавни набавки на РМ, претставниците на ЕУ-делегацијата во Македонија, претставници од бизнис-заедницата и државните институции.

Систем за јавни набавки како кругот на „Mерцедес“

Јаромир Левичек, раководител на Секторот за економски прашања при Делегација на Европската Унија во Република Македонија, смета дека е важно земјата да воспостави систем за јавни набавки што најлесно би се опишал како круг со стрелки кои покажуваат во три различни правци – слично на знакот за „Мерцедес“.

„Овие стрелки посочуваат на три групи цели. Прво, важно е да се добие најдобрата вредност за парите на даночните обврзници. Второ, треба да се задоволат барањата за транспарентност и усогласеност со регулативите, вклучувајќи ги и правилата на Европската Унија. Трето, треба да се внимава на различните државни политики, особено на економските и општествените политики, како и тие за заштита на животната средина“, објасни Левичек, додавајќи дека јавните набавки достигнуваат и до 11 отсто во националните БОП и до 30 отсто на ниво на ЕУ. Неговата порака е да почне имплементацијата на новите европски директиви коишто треба да се трансформираат до националните законодавства во следните две години.

Препорака од Делегацијата на Европската Унија е да се зголеми транспарентноста на тендерите и да се добие најдобрата вредност за парите што се трошат за јавни набавки.

„Ова се однесува на честото користење на критериумот најниска цена на електронските аукции, а тоа може да доведе до понизок квалитет. ЕУ исто така посочува на потребата од транспарентност и од еднаков третман, вклучувајќи ги анексите на договорите за работа, како оние во проектот Скопје 2014“, нагласи Левичек.

 Јавните набавки играат многу важна улога при постигнување на неколку цели

Д-р Кристине Алхаузер, амбасадор на СР Германија во Република Македонија, спомена дека волуменот на јавните набавки во нејзината земја е околу 360 милијарди евра, а во сите земји-членки на Европската Унија околу 1.500 милијарди евра годишно. Бројката за Германија го опфаќа волуменот на годишните набавки на сите јавни институции. Половината од сите јавни набавки се реализирани на локално ниво. Вкупниот износ од 360 милијарди евра претставува 13% од германскиот БДП. Овие бројки покажуваат дека јавните набавки играат многу важна улога при постигнување на неколку цели. Германија преку јавните набавки се стреми да ги оствари следните цели: одржливост, екологија и иновации. Таа нагласи дека светските емпириски податоци покажуваат дека одбирањето на стоките и услугите само врз основа на најниската цена не соодветствува на принципот „добиена вредност за потрошените пари“.

Корупцијата и валканите зделки да не станат практика во деловното однесување

„Ако сакаме да поставуваме стандарди и да постигнеме висока основа на морал во јавните набавки, сите заедно треба да работиме на тоа корупцијата и валканите зделки да не станат практика во нашето деловно однесување. Сигурна сум дека ова не е ниту лесно, ниту брзо достижно и дека на пазарот секогаш ќе има конкуренти што ќе се обидуваат да ја добијат зделката на нефер начин. Сепак, уверена сум дека таквото однесување нема долг век и дека нема да има иднина. Зошто? Бидејќи корупцијата во јавните набавки предизвикува загуба кај сите нас како плаќачи на данок кога јавните фондови се користат на начин што резултира во набавки на неоптимални добра и услуги, а тоа потоа се создава потреба од уште средства во фондовите за да се коригира недостатокот на претходно набавените производи“ истакна Алхаузер.

Пакет за модернизација на европскиот систем на јавни набавки

Едвард Шварц, долгогодишен експерт при партнерскиот проект меѓу ДИХК и стопанските комори од ЦЕФТА–земјите, подвлече дека е донесен пакет за модернизација на европскиот систем на јавни набавки, а трите директиви треба да бидат транспортирани во германското законодавство до 18 април 2016 година. Промените се донесени за да се одговори на актуелните потреби на заедничкиот пазар и за да се унифицираат постапките при јавните набавки. Главните цели се да се воспостават поедноставни и пофлексибилни постапки, одржливост и иновативност во целиот овој процес, транспарентност и недискриминација во јавните набавки, посебно во однос на малите и средните претпријатија. Едвард Шварц посебно го пренесе искуството на германските комори во процесот на јавните набавки:

„Од пред една деценија во германските покраини почнаа да се формираат агенции за советодавна поддршка на малите и на средните претпријатија. Со тоа на малите и на средните бизниси им се помага за учеството во постапките на јавните набавки. На пример, услугата на таквата агенција во покраината Хесен, која е непрофитна организација, вклучува 10 индустриски и три занаетчиски комори. Во нив се сливаат сите податоци за јавните набавки, се прави постапка на сертификација, се организираат семинари и се остваруваат и низа други функции. И што е најбитно, трошоците на малите и средните претпријатија за учество на тендерите се значително намалени“, истакна Шварц.

„Она што е важно да се истакне за Црна Гора е дека од основањето на системот за јавни набавки не се фаворизираат домашните компании, туку се изедначени со странски понудувачи, што е знак за отвореност на пазарот“, изјави Нина Дракиќ од Стопанската комора на Црна Гора.

„Недоволно време за запознавање и за соодветно пренесување на директивите што важат во законската регулатива“

Александар Аргировски, директор на Бирото за јавни набавки на РМ, го објасни системот на јавни набавки во земјава, споменувајќи дека тој е под постојан мониторинг на Европската Унија, на Светската банка и на СИГМА и ЕБРД.

„Бирото за јавни набавки е мостот меѓу јавниот и приватниот сектор. Неговата улога е да дејствува превентивно, да обезбеди што помал број грешки во процесот и да влијае на транспарентноста. Во земјите во кои постојат вакви бироа сè поедноставно се обезбедува развојот на системот на јавните набавки“, подвлече Александар Аргировски.

„Постојниот закон за јавни набавки само во текот на последната година имаше 4 измени. Тоа на некој начин доведува до можност за недоволно време за запознавање и за соодветно пренесување на директивите што важат во законската регулатива“, рече Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.

„Кај голем број од тендерите што се следени е констатирано дека се постапувало незаконски“

Според истражуваната практика на Центарот за граѓански комуникации, проблемите во оваа насока се неадекватното планирање на набавките, малата конкуренција, дискриминаторските услови за учество на тендерите, отсуството на следење на реализацијата на договорите за јавни набавки, како и ниското ниво на свесност кај државните институции за поголема отчетност за трошењето на јавните пари. Од таму велат дека според истражувањата, кај голем број од тендерите што се следени е констатирано дека се постапувало незаконски.

Овој Центар мината година спроведе истражување за искуството на фирмите во јавните набавки преку споредбена анализа за правната заштита во постапките за јавни набавки и за административните трошоци за остварување на правната заштита на Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Унгарија и Република Чешка.

Според истражувањето, фирмите што склучиле договори за јавни набавки просечно чекаат по шест месеци за наплата, а како главни проблеми при јавните набавки ги посочуваат: обемноста на документацијата што се бара за учество на тендерите, задоцнетата наплата на побарувањата за реализираните договори за јавни набавки и приспособувањето на условите за учество на тендерите за да одговараат само на одредени понудувачи.

Фирмите што склучиле договори за јавни набавки просечно чекаат по шест месеци за наплата

Фирмите што реализирале договори за јавни набавки просечно чекаат по шест месеци за наплата на побарувањата од тендерите.

 Доминантен дел од анкетираните фирми сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот во однос на цената на набавките.

-Високите трошоци и недовербата кон жалбената постапка се главните причини поради кои 93% од анкетираните фирми ретко или никогаш не вложуваат жалби.

– Фирмите го оценуваат со 2,86 на скала од 1 (негативно) до 5 (одлично) целокупниот процес на јавни набавки во земјава, што е минимално подобрување на оценката од пред две години, која изнесуваше 2,84.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

18.2.2015