/ Прочитано:

1.207

ТИ: Ескалација на проблемот со корупцијата во Македонија

Транспаренси интернешнл – Македонија одржа прес-конференција на тема „Борбата против корупцијата во Македонија во 2017 година“. На прес-конференцијата Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнл – Македонија, укажа дека борбата против корупцијата во Република Македонија сè уште не е на нивото што е неопходно за да овозможи развој на демократските вредности и владеење на правото.

„Ескалацијата на овој проблем најдобро се огледа во огромниот пад на Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл, според кој земјата падна за цели 24 места, т.е. од 66-то на ниското 90-то место во светот. Овој резултат покажа дека корупцијата е сериозна пречка за владеењето на правото, за развојот на економијата, инвестициите и демократијата“, истакна Тасева.

Од Транспаренси интернешнл – Македонија велат дека Република Македонија е општество во кое односите се засновани на клиентелизам. Долго време е граден систем во кој владеат интересите наместо правото, се заштитуваат корумпираните и се игнорираат негативните ефекти од корупцијата.

За да се подобрат состојбите, потребна е добропланирана,  организирана и ефикасна активност во борбата против корупцијата, во која ќе бидат вклучени сите чинители: Владата, институциите за прогон, Собранието во неговата функција на надзор и контрола, судството независно и ослободено од сите влијанија и невладините организации.

Потребна е и реформа во Државната комисија за спречување на корупцијата и подигање на колективната свест која треба да е биде ослободена од духот на партиски послушници. Исто така, потребно е Владата да обезбеди целосна независност во работењето на другите власти, во судската и законодавната власт. Предуслов за тоа е обезбедување на капацитет, професионализација, ресурси и целосна независност на Јавното обвинителство како орган на прогон кој треба и мора да дејствува независно од политиката.

Неопходна е реформа на администрацијата која треба да обезбеди интегритет и лична одговорност, со почитување на институционалниот амбиент утврден со Уставот. Треба да се овозможи непречена работа на СЈО како посебно одделение во рамките на ЈО со цел да се завршат веќе започнатите предистражни постапки и да добијат судска разрешница и сите предмети што ги води Специјалното јавно обвинителство.

М.В