/ Прочитано:

570

ТИ: Оваа година Македонија најниско рангирана на Индексот за перцепција на корупцијата

 

Индексот за перцепција на корупцијата (ИПК) за 2020 година, објавен денес од Транспаренси интернешнл, истакнува дека корупцијата придонесува за уназадување на демократијата и за влошување на состојбата со здравствените системи поради пандемијата предизвикана од ковид-19. Државите кои се рангирани добро според индексот, инвестираат повеќе во здравството, се поспособни да обезбедат универзално здравствено осигурување и е помалку веројатно дека ќе ги повредат демократските норми и институции или владеењето на правото.

„Оваа година ИПК 2020 го бележи најнискиот резултат и најниското рангирање на РСМ на Индексот за перцепција на корупцијата од 2001 година, кога првпат бевме рангирани. Оваа година, со непроменет број на поени од минатата 2019 година (35), РСМ се наоѓа на 111 место од вкупно рангирани 180 држави.

Едновремено, мораме да нагласиме дека го делиме мислењето на претседателката на УО на Транспаренси интернешнл, Делија Фереира-Рубио, дека ‘ковид-19 не е само здравствена и економска криза. Тоа претставува и корупциска криза. Криза со којашто не успеваме да се справиме.’ Минатата година ги тестираше владите како ниту една претходно, и оние со поголеми степени на корупција се помалку способни да се справат со предизвикот. Но, дури и оние коишто се наоѓаат на врвот според ИПК мора итно да ја зајакнат својата улога во борбата против корупцијата на национално и меѓународно ниво“, нагласуваат од Транспаренси интернешнл – Македонија.

М.В