/ Прочитано:

5.138

Толкувањето на поимот домаќинство и семејство влијае врз остварување на права на социјална и постојана парична помош

На штета на граѓаните, погрешни толкувања на законски решенија во однос на остварувањето права на социјална и постојана парична помош предизвикуваат проблеми во практиката, истакнуваат младите правници во својот Годишен извештај.

Во 2016 година, нагласуваат од Македонското здружение на млади правници во Годишниот извештај,  продолжи практиката на центрите за социјална работа да не одобруваат, или да укинуваат користење на права од социјална заштита (права на социјална и постојана парична помош) со користење на идентични образложенија дека барателите имаат членови од семејствата кои се должни да ги издржуваат.

„Таков е и случајот со лицето Н.Н. на кое му е одбиено барањето за остварување право на постојана парична помош, бидејќи по извршениот увид во документацијата доставена од барателот, првостепениот орган  констатирал дека тој има пет браќа кои можат да го издржуваат.  Притоа, органот не го земал предвид фактот дека странката не живее во исто домаќинство со ниту еден од браќата, поточно сите браќа живеат во странство, имаат свои семејства за издржување, а и фактот дека странката не комуницира со нив. Седумдесет и осумгодишна скопјанка, која живее со својот шеесетгодишен син кој е неспособен за работа, побарала остварување на право на постојана парична помош како старо и немоќно лице, но е одбиена од причина што има ќерка која е вработена и е можен издржувач“, се посочува во извештајот на младите правници.

Во конкретниов случај, додаваат од МЗМП, органот  не извршил проценка на приходите на ќерката, на нејзината семејна состојба, и покрај тоа што барателката го запознала првостепениот орган со фактот дека ќерката има свое четиричлено семејство кое се издржува единствено од нејзината месечна заработувачка, а и живеат на две различни адреси и не се во заедничко домаќинство.

Исто така, додаваат младите правници, шеесет и четиригодишен скопјанец остварувал право на социјална парична помош повеќе од 10 години. По службена должност, првостепениот орган направил проверка на семејната и материјалната состојба на корисникот и увидел дека претходната година синот на корисникот остварил приход за кој оценил дека ги подобрил неговата финансиска состојба и можноста да го издржува родителот.

„Од моментот на утврдување на приходот на синот до месецот кога е спроведен увидот, била констатирана незаконска исплата на социјалната парична  помош во траење подолго од една година, при што корисникот е задолжен да ги врати парите. Органот притоа не оценил дали примените парични средства на синот на корисникот се сметаат за приход, дали синот живее во заедничко домаќинство со корисникот и најбитно, дали овие приходи на синот на корисникот се доволни за негово издржување и за издржување на неговото сопствено семејство.

Според Законот за социјална заштита, за семејство се смета самец или заедница на маж и жена, на родители и деца и други роднини кои живеат со нив и се должни според Законот за семејство да се издржуваат. Законот за семејство го дефинира семејството како заедница на родители и деца и други роднини ако живеат во заедничко домаќинство“, посочуваат младите правници.

Конкретно, додаваат од МЗМП, за користење на правото на социјална парична помош, Законот за социјална заштита дополнително го уредува и поимот домаќинство, утврдувајќи дека тоа е заедница на  членови на семејството и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, коизаеднички придонесуваат, стопанисуваат и трошат.

Во сите горенаведени предмети, образложуваат младите правници, заедничко е тоа што центрите за социјална работа решенијата ги носат без утврдување на два битни факти:

1) дали барателот на правото живее во заедничко домаќинство со членот на семејството кој е должен да го издржува?

 2) дали лицето кое според Законот за семејство е должно да  издржува друго лице би останало без минимум средства за сопствена егзистенција?

Многу често, нагласуваат младите правници, во практиката се случува надлежните центри, доколку утврдат дека барателите, или корисниците на правата имаат  роднини во странство, побараните права од социјална заштита, или правата кои веќе ги користат да не ги одобрат, или да ги укинат повикувајќи се на овие одредби, дополнително толкувајќи ги информациите дадени од странките за лажни или невистинити, што само по себе резултира со други потешки последици, како забрана за користење на правото во наредните 12 месеци.

„Ваквото толкување на термините во практиката на постапување на центрите за социјална работа е неправилно и целосно противзаконито. Ова понатаму директно влијае врз повреда на уставното право на социјална заштита која неоспорно е наметната како грижа на државата во согласност со начелото на социјална праведност“, се вели во Годишниот извештај на младите правници.

Младите правници го промовираа Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во РМ во 2016 година

М.В