/ Прочитано:

1.387

ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: 5 совети за адвокатска преселба во електронско издание

Уште си затрупан со хартии? Ако ти се расипал транзисторот и уште стои заглавен на емисијата „деновиве пред години на Македонското радио“, само мало потсетување: дваесет и први век и уште малку ќе биде ноември две илјади и дванаесетта година, хартијата благодариме на прашањето повеќе не се важи. Па, драг наш адвокате, врзи се да полетаме во светот на електронските комуникации:

  1. Ќе си набавиш програмче за управување со документи. Имаш две опции: да ти го продадат скапо со лиценца која ќе ја обновуваш секоја година или да ангажираш програмерче за токму пари да приспособи некое програмче од веб, па си е твое. Гледај клатното да ти застане на втората опција, оти ќесето ти изгоре и не вршиш работа. Стави ги сите можни хартивчиња што ти собираат прашина по канцеларија во електронски документи (популарно: фајлови) и направи си функционален електронски систем, многу едноставен за пребарување.
  2. Програмата за управување со документи надгради ја со опции за известување по поедини фази во предметот (на пример кога мислиш дека те излажала клиентката со потсетување да ја провериш сомнителната теза која штотуку ти ја плеснала во плексус).
  3. Програмата мора да заврши со фактура. Потсетување: светот, откако е векот, не измислил подобро средство за вреднување на трудот од парите. Не-из-мис-лил. Па не му ја мисли ни ти, работи како стока и давај фактури!
  4. Направи веб сајт користејќи услуги од човек што се вика графички дизајнер. Не заборавај: немој сајтот да ти го дизајнира компјутерџија, набави си услуга од графички дизајнер. Совет: графичкиот дизајнер мора да има проектна задача добиена од тебе, од господинот адвокат.
  5. Совет за мал милион долари: твојот веб сајт треба да се разликува од сите други милијарда сајтови! Како? Па на пример направи го интерактивен! Имаш на веб колку сакаш алатки или апликации (евтини, поевтини здравје) кои овозможуваат заинтересираните или популарно наречени потенцијални клиенти во реално време да зборуваат со твојата згодна приправничка. Се сети? Па дааа, сите други се занимаваат со убавкасти реченици, како они ова или она би правеле за клиентите или под нозете на клиентите. Дотогаш, твојата згодна приправничка ќе загосподари со реалниот сектор, со сите спектри и со сите фреквенции каде гласчето во живо и го слушаат твоите идни налогодавачи.
Објавено: 31.10.2012