/ Прочитано:

1.912

ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: Пет правила за победничко застапување

Се надеваме дека не те држи место колку си заинтересиран бргу да прејдеш во повисоката половина од успешните во адвокатската професија. Од наем да прејдеш во сопственост, од Тетекс да влезеш во Хуго Бос, па здравје да пукаш накај Армани. Сигурно нема никој позаинтересиран од тебе да имаш куп приправници и стручни соработници, па со секретарката да зборуваш на интерфон иако ти е на неколку метри. Сабајле, старото Хјундаи ти плаче за едно „четворче, петче“. Не дека ќе те телепортираме во убавиот свет на возрасните, но да не думаш премногу, ти ги даваме советите кои ќе те направат Јуриј Гагарин на македонската адвокатура:

  1. Не влегувај во судница ако не го владееш добро предметот. Доказите ќе си ги спремиш со броеви, убаво хронолошки подредени. На факултет тоа се викаше “историски метод на истражување”. По истиот метод ќе ги запамтиш датите, битните факти. Имињата ќе ги знаеш напамет, во сон да те разбудат да ги “пееш”.
  2. Направи анализа на правната атмосфера што те очекува. Или: кој судија ти суди, во кој момент на кариерата е судијата кога влегуваш во предметот, какви пресуди носел досега, како ги води рочиштата. Распрашај се и за судот, дали е локал-патриотски настроен (на  пример во Кавадарци, Гевгелија, Охрид ќе ти се смеат колку си ги сакаат локалните застапници. Со години ќе им го добиваш предметот и пресудата ќе ти ја дадат точно кога должникот ќе биде банкрот), брз и “од каршија” компетентен (Тетово, Струга), за сантиметар компетентен и бавен (Скопје) или Пелагониски триаголник (Прилеп, Битола, Ресен) каде се и брзи и бавни,  компетентни и некомпетентни, локал-патриотски настроени но и за “тујџи се сакалдисвет”.
  3. Направи основна правна теза за која се бориш да ја докажеш и групирај ги силите околу тезата. Доколку имаш исправна теза, тешко ќе залуташ во предметот. Дури и кога си пред заспивање кај шестиот (апсолутно неважен) сведок при сослушувањето, еден збор спротивен на твојата теза треба да ти ги начули ушите како волчјакот на другарот Тито! Па лавни, мајку му!
  4. Користи ги грешките на твојот противник. Совет за милион долари: почни ги твоите поднесоци од грешките на противниците! Не е важно дали грешките се формални, суштински, од незнаење или многу правење паметни. Седни си со кафенцето, означи ги грешките на „мистер маскуло“ во тефтерче, направи збирка на противнички грешки и почни си го поднесочето со мерак. Па има ли нешто поубаво од правење на својот противник партал на негови грешки? Па нема:)
  5. Постави ја потребната атмосфера во судницата и одржувај ја на тоа ниво. Одбери ја својата атмосфера во судница како да менуваш атмосфера на стерео. Сакаш концерт хол, стадион или тишина. Види како ти одговара. Внимавај цело време на атмосферата, ако на пример судијата сака да ти ја поремети атмосферата искажувајќи особена блискост со спротивната ти особа, режни малку да се вратите спокојно во тишина. Ако почне малку да претерува донесувајќи решенијца кои малку намигаат отспротива, лавни потстанато. А ако го претера Хер Судија, тогаш демонстрирај ги сите вештини на „кревање во воздух“ што си ги научил во школо, на стадион или од амерички филмови. Они тебе, они на Дени Крејн!
Oбјавено: 08.10.2012