/ Прочитано:

2.659

ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: Пет типични адвокатски грешки

Покрај грешките што адвокатите ги прават од незнаење или најчесто од „мрза“ сериозно да ги засукаат ракавите во интерес на правата на својот клиент, прават и типични грешки за својата професија.

Ви откриваме пет:

1. Не потпишуваат договор со својот клиент

Најчест начин на комуникација на адвокатот со клиентот е „упаѓање“ од врата со предметот од 100 кила во раце, тазе истргнат од некој друг адвокат и имате сеанса од 90 минути „разговор“ кој едвај може да се подведе под стручниот назив „интервју“. Направи веднаш договор и поднеси му го на потпис. Направи договор.

 2. Даваат совети на маса

Никогаш не давај совети на маса и веднаш. Остави си барем неколку часа за согледување на ситуацијата, проверка на наводите на клиентот и понуда на решение за определен надомест. Определи надомест.  

3. Се соживуваат со проблемите на своите клиенти

Проблемите на клиентите се нивни проблеми кои ти треба да помогнеш да се решат. Да се решат, не да ги решиш. Најчесто проблемите ги решава судот во законска постапка, ти само ги вложуваш своите напори и најдобри знаења. Треба да си објективен во согледување на правната ситуација и субјективен во заштита на правата на својот клиент. Но, не треба болен да паднеш од проблемот на својот клиент. На клиентот му треба здрав адвокат.

 4. Се „продаваат“ евтино

Иако не продаваш материјални нешта (како крушки и банани), ти сепак продаваш интелектуална услуга, за која вложуваш напори, технички средства и капитал да ја произведеш. Немој да се продаваш евтино. На еден просечен инвеститор во Македонија сè му изгледа евтино, храната, работната сила, музикантите па и адвокатите. Во главата така се создава перцепција дека она што е поевтино и помалку вреди. Затоа, дај врвен квалитет и наплати сè до над носот!

 5. Ветуваат исход на спор и дека ќе „завршат“ работа

Строго забрането! На краток рок си за на насловна во гласникот на Њујоршката адвокатска комора, но на среден и долг рок си за во средна страна во „Вест“, некаде помеѓу рубриката „црна хроника“ и советите за летна диета, секс и разонода што ги даваат здебелените македонски старлети.

Oбјавено: 31.07.2012