ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: Пет вежби за висински подготовки
Модерниот македонски адвокатски речник изобилува со спортски дух: во името на уставниот монопол бараме здрава конкуренција, низ вечната прашина на адвокатската уличка се наттрчуваме до мали победи во судската палата, во матните води до правдата би превеслале многу километри. Или во духот на 150.000 кондоми употребени во Лондон во олимпиското село ние сме спремни да стреламе и во најмалата дупка во прописите. За фудбалерите од Англиската Премиер лига е јасно: ќе се потат, растегаат и “онадат“ до бесвест за да можат да го одиграат првенството. И да се справат со полу-медиумите и старлетите. За Македонските адвокати неколку вежби за висински подготовки:
- На патот до работа секое утро поминуваш типични слики: згради, семафори, дупки по улица. Забележи ги и запамти: колку згради се во иста боја, колку семафори (боже, веднаш ни текнува на зелениот бран по Партизанска), колку пешачки премини со пешаци кои од мали се учат да ги почитуваат возилата . Со оваа вежба ќе научиш да забележуваш важни работи кога анализираш една правна ситуација, ќе научиш да ги групираш членовите кои се наоѓаат на различни места во законот и да разбереш дека тие членови секогаш се анализираат заедно, во група. Забележувај!
- На паркинг, одвој ги важните детали од неважните! Разбери бргу дека секое слободно место во главниот град е сега платен паркинг, одвој ги големите автомобили од малите, сините од црвените, скапите од евтините, плаќачите од неплаќачите. Така се вежба методологијата на одвојување на битното од небитното. Ако ова не го знаеш, не можеш да дадеш приоритет на предметите: додека се “бафташ“ со меѓата на првиот братучед на жената што ти чисти по дома, ти отишле странците што те чекаат на конференциска врска во Лондон. Одвој го важното од неважното, направи приоритети!
- Расчисти си ги сметките навреме. Плати ги најпрво нужните трошоци, не може да немаш струја, греење, вода и телефон, регистрирај ја колата. Потоа префрли се на она што го сакаш да си го купиш. На крајот гледај нешто и да заштедиш. Потоа прегледај ги сметките на оние што ти должат и втурни се во наплата: прво оние кои безобразно каснат, потоа оние што не можат без тебе, на крајот оние кои се најризични, но носат и најголем профит. Расчисти си го дворот и сметките!
- Оди до Музејот на современа уметност и гледај ги големите слики. Остави ги малите само за детали. Големите слики се во принцип поскапи и нивните автори попознати. Минијатурите се важни само за шаховските сладокусци. Кои никогаш не станале богати. Ќе научиш да ја гледаш големата слика: голема трансакција зад некоја мала регистрација на ДООЕЛ, спојување од сто милиони зад некое банално прашање од работни односи. Гледај ја големата слика!
- Поправи го ќепенчето во адвокатската уличка, ако веќе не ти текнало да се отселиш во стан било каде и направиш пристојна канцеларија, поплочи го влезот. Бојосај го дуќанот, изгледај свечено, како за на празник. Или, што би рекле во модерните списанија за менаџмент: дизајнирај го својот изглед, претставата за тебе. Брендирај се!
Објавено: 04.09.2012