/ Прочитано:

2.554

ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: Петте непобедливи во судница

Додека пребаруваш по смс-чињата дали колегите те викнале во Момир на чорба и чекаш записникот од рочиштето тетката конечно да ти го отпечати, сигурно си се запрашал зошто некогаш адвокатскиот ден ти оди мазно, а некогаш не те бива. Некои противници глатко ги добиваш, а со некои со години се тужиш и имаш непријатно чувство дека никогаш нема да ги добиеш. Повели еден мал прирачник за најголемите противници во судница >>

  1. Ти. Самиот можеш да бидеш најголемиот противник во судницата. Неспремен, ненаспан, не си го прочитал предметот, не ги знаеш ниту магистралните правци на одбраната. Те обзема страв, стануваш несигурен и почнуваш да тропаш глупости додека бараш спас во одлагање. Спас, најчесто, нема.
  2. Доцниш. Немој во македонска судница да доцниш. Ти можеш да ги чекаш со часови, тие тебе нема да те чекаат ниту минута. Додека трчаш и ќебапчињата ти потскокнуваат во стомакот, уште од службен влез го слушаш принтерот како ти печати записник. Упс, па уште си и тужител! Отиде јабана, немој да доцниш!
  3. Спор за кој не добиваш надомест. Што би рекол еден угледен скопски адвокат во своите златни педесетти години: „ако ми платат убав аванс, петнајс за осум сум во суд и судијата во бифе го чекам на кафе“. Ако е така – така платено, некако се довлечкувам до суд и кому-иде нека биде. Ако не плати ништо, не дај боже жолто да ме фати кај Мавровка – одма се враќам назад!
  4. Република Македонија. Немој да ја потценуваш оваа млада госпоѓица, таа има сто глави, двестe раце и многу телефонски апарати. Ако имаш добиен предмет против неа, гарант ќе ти падне кај судија кој осум месеци ќе го бара и шест месеци ќе го проучува. Потоа судијата задолжително оди на боледување, а доставата редовно ќе доцни. Третата година ќе се судите, ќе го слушаш правобранителот и нема да ти се верува што зборува. Четвртата година ќе се пресудува во твоја корист, предметот ќе го нема по административни грешки. Шестата година ќе ти падне на Апелација. Барем едно паѓање имаш од нас. Извршување? Пензија!
  5. Јавни претпријатија, државни органи во управен спор.  Види погоре и бркај работа!