СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Топлификација – нема рок за доставување на побарувањата на граѓаните

Понеделник, 14 јануари 2013 – Нема краен рок за доставување на побарувањата на граѓаните за враќањето на средствата кои треба да ги извршиме, информираат од Топлификација, неколку дена по објавата дека фирмата ќе се раздолжува со граѓаните поради повисоките износи на сметките за парно од 15 октомври до крајот на декември минатата година. 

Од групацијата „Топлификација“ информираат дека сите оние кои добиле известување за преплатување на греењето, треба да се јават во наплатните центри на „Топлификација, да поднесат копија од тековната сметка и да потпишат изјава. Најавуваат дека нема краен рок до кога граѓаните може да реагираат на наплатните центри, туку раздолжувањето со граѓаните ќе се одвивало според барањето кои пристигнувале до нив.

Балкан енерџи груп“, од први овој месец ја презеде од „Топлификација“ обврската за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во околина на Скопје.

Според правилата на Рeгулаторната комисија за енергетика, со сметките што граѓаните ги добиваат од август до декември практично треба да се покријат трошоците направени во првиот дел од грејната сезона, односно од 15 октомври до крајот на годината, кога се прави првото порамнување. Тогаш се прави пресек на потрошената топлинска енергија по станбени објекти во првите два и пол месеца од грејната сезона. Сметките што доаѓаат од јануари заклучно со јули треба да ги покријат трошоците за греење од јануари до април, при што повторно порамнување се прави во мај, односно со завршување на грејната сезона. Но оваа година граѓаните беа изненадени бидејќи изминативе години ваквото порамнување не даваше некакви поголеми ефекти. Скоро никогаш немаше драстична разлика меѓу сметките што се добиваа и тоа што наводно реално било потрошено.