„Топлик“ и „Тендер“ нови предмети на СЈО за злоупотреба на службена положба и овластувања во Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура

Фетаи информираше дека против дел од осомничените во предметот „Тендер“ од Судот ќе бидат побарани соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката. Кога СЈО ќе го достави предметот до Судот, ќе бидат доставени и мерките на претпазливост. Нема да биде побарана најстрогата мерка – мерката притвор.

Фатиме Фетаи

Шест лица од Министерството за транспорт и врски, од кои едно лице на раководна позиција, и четири лица од Министерството за култура, од кои едно лице на раководна позиција, се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување во два одделни истражни предмети кои денеска ги презентираше Специјалното јавно обвинителство.

Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, во првиот предмет со име „Топлик“ првоосомничениот, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

„Иако не биле исполнети условите за спроведување на јавната набавка, Комисијата составила извештај дека била спроведена постапка за јавно наддавање и дала предлог да биде склучен договор со избраниот најповолен понудувач. Доказите упатуваат на тоа дека веднаш по склучувањето на договорот, првоосомничениот, иако бил свесен дека постојат суштински недостатоци поради кои Министерството не може да ги исполни обврските од договорот, сепак во име на Министерството склучил договор со правното друштво „Сан сити“ ДОО за отуѓување на градежното земјиште со јавно наддавање. Овој договор подоцна, со судска спогодба помеѓу Министерството и „Сан сити“, бил раскинат бидејќи правното лице токму поради суштинските недостатоци не можело да го спроведе договорот“, рече Фетаи.

Од доказите, исто така, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, Министерството се обврзало во износ од 1 милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.

Во вториот предмет со наслов „Тендер“ првоосомниченото лице, на раководна позиција во Министерството за култура, без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање, склучило договор со изведувач за дополнителни градежни активности на Музејот на ВМРО.

„Доказите упатуваат на основано сомнение дека првоосомничената на 14.6.2011 г., преку телефонска комуникација со сведокот, тогашен генерален директор на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, му кажала  ‘Бетон Штип’ да продолжи со работа на објектот каде што тековно изведувале градежни работи по претходно склучениот договор за јавна набавка, да ги изведе сите работи што произлегувале дополнително и да не се чека дваесет дена за спроведување на нова јавна набавка“, рече Фетаи.

Првоосомничената во договор со второосомничената, член на Комисијата за јавни набавки, ги составила условите на тендерот кои целосно одговарале на ГТД „Бетон Штип“ и кои имале цел друг субјект да не може да победи на тендерот.

Подоцна склучениот договор помеѓу Министерството,  застапувано од првоосомничената, и ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, застапувано од сведокот – генерален директор во „Бетон Штип“, чинел околу еден милион евра.

Фетаи информираше дека против дел од осомничените во овој предмет од Судот ќе бидат побарани соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката. Кога СЈО ќе го достави предметот до Судот, ќе бидат доставени и мерките на претпазливост. Нема да биде побарана најстрогата мерка – мерката притвор.

Фетаи ја заврши прес-конференцијата со следново:

„Корупцијата и културата се два сосема различни животни концепти. Иако, според она што го наведов, постои сомнение дека овие два концепти се поистоветиле, сепак, ова обвинителство е основано и се бори за да им даде спротивен пат.“