/ Прочитано:

2.652

ТРАНСПАРЕНСИ ИНТЕРНЕШНЛ: Ескалира корупцијата во јавниот сектор

„Транспаренси интернешнл“ денеска го објави годишното рангирање за нивото на корупција во 176 земји за 2016 година.

akademik foto 1

Од „Транспаренси интернешнл“ велат дека 2016 година покажала дека системската корупција ја засилува социјалната нееднаквост секаде во светот, што води до разочарување на народот од политичкиот естаблишмент и до создавање плодна почва за подем на политичари популисти.

„69 проценти од 176 земји опфатени со Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата имаат резултат помал од 50, на скалата од 0 (перцепција за високо ниво на корупција) до 100 (перцепција за ниско ниво на корупција), покажувајќи ја масивноста и сеприсутноста на корупцијата во јавниот сектор во целиот свет. Годинава повеќе земји паднаа на Индексот отколку што напредуваа, што укажува на итната потреба од мерки“, истакнуваат од „Транспаренси интернешнл“.

akademik foto 1

Според Извештајот, од балканските земји нејнекорумпирана  е Словенија која се наоѓа на 31-то место на Индексот), Србија е на 72-то место, додека Албанија и Босна го делат 83-то место со други земји. Паѓајќи за пет места во однос на минатата година, Македонија е 90-та според Индексот на корупција. Зад Македонија е Косово, кое е на 95-то место.

„Проблемот со корупцијата ескалира. Република Македонија забележа историски и глобално најголем пад на ранг-листата на Индексот за перцепција на корупцијата кој денеска го објави Транспаренси интернешнл. Р Македонија сега го зазема ниското 90 место, од вкупно 176 рангирани држави. Резултатот заснован на седум нови истражувања укажува на тоа дека корупцијата е согледана како сериозен проблем за развој на економијата, за владеење на правото, за странски инвестиции и за стабилна демократија. Тоа создава недоверба на граѓаните во капацитетите на државата и институциите. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени, а синџирот на корумпираност во високите ешалони на сите власти да се прекине. Тоа е одговорност на претседателот на државата, на новоизбраните пратеници, на оние што ќе формираат влада, на вработените во институциите и во судството. Тоа е одговорност и на граѓаните кои ги охрабрувам да ѝ се спротивстават и да ја оневозможат корупцијата во име на иднината“, вели претседателката на Транспарентност Македонија д-р Слаѓана Тасева.

Инаку, според Извештајот, Бугарија останува најкорумпирана држава во Европската Унија (ЕУ) и во 2016 година, делејќи го 75-то место на Индексот со Турција, со Кувајт и со Тунис. Според Индексот, Грција е на 69-то место, Италија е 60-то место, Романија, заедно со Унгарија, е  57-то место. Хрватска е на 55-то, а Словачка – на 54-то место. Русија и Украина го делат 131-то место заедно со Казахстан, Иран и Непал. Најнекорумпирани држави се Данска, Нов Зеланд и Финска. Помеѓу најнекорумпираните држави исто така, според Индексот се вбројуваат и Шведска, Швајцарија, Норвешка, Сингапур, Холандија, Канада и Германија.

М.В