/ Прочитано:

1.533

Транспарентноста е еден од клучните предуслови за вистинска борба против корупцијата

Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија и со институции со капацитет за борба против корупцијата, истакнува министерката за правда, Рената Дескоска, која говореше на конференција посветена на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

„Сите реформи што ги водиме во Министерството за правда се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата.  Тоа го правиме преку реформирање на трите столба за борбата против корупцијата: судството, обвинителството и антикорупциската рамка.

Како што е забележано во Извештајот на Прибе, во антикорупцискиот систем постојат слабости кои се однесуваат на регулаторни и институционални капацитети на сите нивоа и постојат перцепции за политички именувања и назначувања со цел контрола на независните тела од страна на политичките партии.

Експертите укажуваат на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува своите надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија.

За таа цел, работна група формирана од Министерството за правда изготви нова антикорупциска рамка: Предлог на закон за спречување на корупција и судир на интереси, користејќи како основа нацрт-текст изработен од страна на експерти во рамките на проект на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). По спроведувањето на консултативниот процес, Предлог-законот утврден од Владата во ноември оваа година е во собраниска процедура“, посочува Дескоска.

Во меѓувреме, додава министерката за правда, овој закон го пративме на евалуација од страна на експерти од Европската Унија, и добивме сериозни укажувања дека станува збор за подобрена законска рамка, којашто покажува посветеност на Владата во создавањето на правни норми што ќе дадат можност за создавање на институции со капацитет во борбата против корупцијата. Одредени сугестии дадени за подобрување на законската рамка во текот на собраниската процедура ќе бидат имплементирани преку амандмани од страна на пратениците.

Со одредби од Предлог-законот се адресираат добиените препораки кои се однесуваат на условите за избор, именување и разрешување на претседателот и членовите во состав на ДКСК, развојот на антикорупциската програма и пријавувањето и проверката на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица.

Се предлагаат зајакнати услови за избор и именување на претседателот и членовите на ДКСК и јасни услови за престанок на мандатот и разрешување на претседателот и членовите на ДКСК. Еден од условите за избор на претседател, односно член на ДКСК е лицето во последните десет години да не било пратеник, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија.

Се предвидува транспарентна постапка за избор на кандидати за претседател и членови на ДКСК, во која се вклучуваат како учесници во интервјуто претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, на Македонската академија на науките и уметностите, на Интеруниверзитетската конференција, како и претставници на здруженија на новинари, на други здруженија и фондации. Целта е преку еден транспарентен процес да се изврши евалуација на кандидатите што се пријавиле да бидат членови и претседател на оваа антикорупциска комисија.

Понатаму, се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК, особено со воведување на надлежноста за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и пристап на ДКСК до разни бази на податоци што постојат во различни институции со цел самата да може преку вкрстување на тие податоци да ја следи имотната состојба на функционерите и политичките партии, и ова е еден од аспектите што особено се потенцира како позитивен во извештајот што го добивме од страна на европските експерти.

ДКСК, како специјализирана независна институција за превенција на корупцијата, е само една од позначајните специјализирани институции од антикорупциската институционална рамка во Република Македонија.

„Покрај улогата на ДКСК во рамките на реформите што ги водиме, земаме предвид дека одредени позитивни исчекори што беа направени во изминатиот период од страна на одредени институции треба да бидат зачувани и поддржани, и овде најмногу мислам на СЈО, но и добрите искуства од градењето на оваа институција во нејзиното функционирање да бидат пресликани и пренесени во другите јавни обвинителства со цел да создадеме повеќе институции со капацитет во борбата против корупцијата.  Во тој дел, веќе се објавени Законот за СЈО и Законот за Јавното обвинителство и ирелевантно е дали ќе бидат еден или два закони, она што е битно е надлежностите што ќе бидат предвидени и трајноста на органот што треба да води ефикасна борба против корупцијата.  Од исклучителна важност се воведувањето на стандарди во управувањето, спроведувањето на работните процеси и давањето на услуги за граѓаните, јакнењето на свеста за превенција на корупцијата и судирот на интереси, како и унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите“, вели Дескоска.

„Во рамките на борбата со корупцијата можеби не се перципира како тесно поврзан, но за мене е исто така значаен Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер бидејќи транспарентноста е еден од клучните предуслови за вистинска борба против корупцијата.

Во овој закон се предлага намалување на исклучоците од слободен пристап до информации и скратување на рокот за одговор по барање за информации бидејќи некогаш задоцнетата информација значи губење драгоцено време за реакција во одредени ситуации. Исто така, ги вклучуваме и политичките партии како иматели на информации во делот на нивните приходи и расходи, и правиме трансформација на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Агенција која покрај другите надлежности ќе има надлежност да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции за прекршоците утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, образложува министерката за правда.

Конференција посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата

Јавна расправа за новиот Закон за спречување на корупцијата – козметичко или суштинско решение

Во Собранието започна постапката за донесување нов Закон за спречување на корупција и судир на интереси

Новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси во собраниска процедура

Антикорупциската комисија да биде формирана според меѓународните стандарди за независност и неселективност

ОЦЕНКА НА ГРЕКО ЗА МАКЕДОНИЈА: Разочарувачки резултати за превенцијата на корупцијата

Втората верзија на измените на Законот за спречување на корупција на увид на јавноста

Клучните новини во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата

Министерката за правда ги образложи измените на Законот за спречување на корупцијата за кои ќе има јавна дебата

Новата антикорупциска комисија ќе биде составена од експерти

Во подготовка измени на законска регулатива за спречување на корупција и на повеќе прописи од правосудството

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара професионализам, департизација и интегритет од членовите на ДКСК

M.В