/ Прочитано:

768

Транспарентноста и директната комуникација со граѓаните – најдоброто оружје во борбата против лажните вести

Во рамките на своето учество на Регионалниот форум за соработка „Денешните предизвици, утрешни перспективи: Балканот во 2030“, кој се одржува во Грција, министерката за правда, Рената Дескоска имаше обраќање на сесијата „Борба против лажни вести и дезинформации – Заштита на демократијата во дигиталната ера“.

Министерката Дескоска истакна дека не го гледа решението во затворањето на веб-порталите или цензурата на интернет, туку со воспоставувањето етички стандарди во работата на медиумите, но и на самата Влада.

Според министерката Дескоска, Владата има своја одговорност во борбата против лажните вести: „Отвореност, транспарентност, навремено информирање и проактивна транспарентност, директна комуникација со граѓаните – тоа е најдоброто оружје во борбата против лажните вести бидејќи истовремено ја зголемува довербата во Владата.“

Фокусирањето кон консументите на вестите и нивната навремена едукација е втората значајна работа што може да се направи за да се намали негативното влијание на лажните вести.

„Лажните вести се последната епизода на најстарата војна, војната помеѓу лагата и вистината. Во сказните вистината секогаш победува. Во денешниот свет победникот претендира да биде носител на вистината бидејќи историјата секогаш ја пишуваат победниците“, потенцираше министерката Дескоска.

Регионалниот форум за соработка во Грција е платформа која овозможува прогресивен дијалог меѓу клучните актери од политичката, економската, академската заедница, од бизнис-заедницата и граѓанското општество на Балканот. Форумот е регионална геополитичка иницијатива која цели кон мирно решавање на регионалните спорови и зајакнување на соработката помеѓу земјите од Балканот.

М.В