/ Прочитано:

1.776

Транспарентноста на судските процеси е клучна за владеењето на правото и правдата заснована врз највисоките вредности на човековите права

Денеска започна годишниот состанок за следење на судски процеси организиран од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Набљудувањето на судските процеси и постапки, беше истакнато на денешниот настан, докажа дека тоа претставува моќна алатка за доследно спроведување на судските реформи, промовирајќи ги притоа домашните и меѓународните стандарди за фер и правично судење, кои пак воедно претставуваат гаранција за остварувањето на човековите права и слободи.

Независното набљудување на судските постапки детектира кои се слабите страни во судството и претставува јасна основа за давање на препораки во кои сегменти треба да има подобрувања во судството, особено од аспект на процесното законодавство и практика.

Исто така, со зголемувањето на транспарентноста на судските процеси, независното набљудување на судските процеси и постапки во голема мера придонесува за зајакнување на принципот на јавност како суштински принцип на демократијата и владеењето на правото.

Вредностите на демократијата се клучниот елемент на владеењето на правото кое не подразбира строг формализам, туку подразбира правда заснована врз препознавање и целосно прифаќање на највисоките вредности на човековите права и човечко достоинство.

За владеењето на правото, потребни се независни судии, обвинители и адвокати, но потребни се и фер судски постапки чија транспарентност е есенцијална за владеењето на правото.

Амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Нина Соумалинен, на денешниот настан истакна дека ОБСЕ е исклучително посветена на принципот на владеење на правото и во таа насока, спроведувањето на мониторингот на судските постапки има исклучителна важност за владеењето на правото и спроведувањето на судските реформи.

Во таа насока, Соумалинен нагласи дека набљудувањето на судските постапки има за цел и да се анализира имплементацијата на новиот Закон за кривична постапка и во таа насока, и еднаквоста на страните во еден судски процес и почитувањето на начелата на фер судење. Воедно, амбасадорката ја нагласи и соработката на ОБСЕ со Академијата за судии и јавни обвинители од каде што произлегуваат новите кадри на македонски судии и јавни обвинители.

На денешниот настан, правници од седум мисии на ОБСЕ и претставници на 29 невладини организации од регионот на ОБСЕ ќе разменат искуства и ќе дискутираат за предизвиците поврзани со следењето на високопрофилирани судски предмети и предмети во кои се инволвирани ранливи групи како што се малолетници и етнички малцинства.

М.В