/ Прочитано:

1.887

Транспарентноста на судството е клучна за правната сигурност

На денешниот трет ден од научната и стручна расправа,во организација на Здружението на судии на Република Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави, се говореше за транспарентноста на судовите и практичните предизвици во случаи на корупција најавни службеници.

Транспарентноста на судовите е исклучително значаен придонес во остварувањето на правната сигурност, посочи во своето денешно излагање судијата Ѓорѓи Андонов, судија во Основниот суд Штип, додавајќи дека во ера на дигитален развој на општеството и судовите мора да се ремоделираат во делот на односите со јавноста.

Нетранспарентноста на судството, посочи судијата, е констатирано и во Извештајот на Прибе, како и во стратешкиот документ за реформите во правосудството. Таа состојба, нагласи Андонов, мора да се надмине преку преземање соодветни мерки и предлози.

Елаборирајќи ги меѓународната и домашната регулатива за јавноста и транспарентноста на судството, судијата Андонов нагласи дека е неопходно да се преземат соодветни мерки и активности првенствено во поглед на зајакнување на капацитетите на секторите за односи со јавност и воведување на е-судство.

Во таа смисла, нагласи Андонов, потребно е и: формирање на Центар за информатика, примена на современа технолошка опременост, ставање акцент на должноста за аудиовизуелните и тонски снимања, па дури и следење на судските процеси тековно, каков што беше случајот, на пример, со судењата на Трибуналот во Хаг.

„Потребно е да се користат и социјалните медиуми, а одлуките, ставовите и мислењата редовно и ажурно да се објавуваат на веб-страниците на судовите. Воедно, потребно е да има и отворени денови и засилена соработка со невладиниот сектор“, истакна судијата Андонов.

Судијата Андонов го нагласи и значењето на транспарентноста во делот на јавните расправи за законите, како суштински дебати за вклучување на стручната јавност со свои коментари и забелешки.

Лиле Стефанова, јавна обвинителка во Специјалното јавно обвинителство, истакна дека судиите и обвинителите треба, како што рече, да погледнат во своите редови и да ја подобрат улогата на својата фела во менување на перцепцијата што постои кај јавноста за корумпираноста на судиите и обвинителите. Стефанова укажа и на тоа дека перцепцијата на граѓаните за судството и обвинителството е резултат на сите општествени појави.

Потребна е, подвлече Стефанова, поголема транспарентност на изборот на судии и јавни обвинители, како и транспарентност на судските процеси. Важно прашање е, додаде Стефанова, и дали самите судии сметаат дека се доволно транспарентни и дали се доволно објективни, како и дали се доволно образложени судските одлуки, па преку таквата аргументација ќе се види зошто е донесена конкретна одлука.

„Се разбира, јас сум за транспарентност на судството и обвинителството. Треба да бидеме транспарентни и да ги објавуваме нашите одлуки, што е во интерес на транспарентноста која пак ја гради перцепцијата за судството и обвинителството. Транспарентност мора да има, но таа никако не смее да му наштети на еден процес“, резимираше Стефанова.

Судијата Шпенд Деваја истакна дека медиумите имаат клучна улога за транспарентноста на судството и дека тоа претставува еден од столбовите на демократските процеси. Транспарентноста е важна за развој на демократските процеси, а во таквите процеси судиите не треба да бидат имуни на конструктивните критики.

„Во случај на критики, судијата треба да се однесува со должно внимание. За жал, перцепцијата на јавноста е дека судиите не се доволно транспарентни.Ние како судии мора да почнеме да го менуваме тоа и да градиме доверба помеѓу судството и медиумите, што ќе придонесе кон менување на перцепцијата. Исто така, од суштинско значење е ажурното објавување на одлуките и ние како судии да бидеме првите што ќе ја информираат јавноста бидејќи, ако не го направиме тоа, новинарите нормално ќе си бараат алтернативен начин“, истакна судијата Деваја.

Судијата нагласи дека јавноста треба да биде информирана за постапките, да не се исклучува правото на критика, но и да не се употребува, како што подвлече судијата, сензационалистичко известување, кое придонесува кон поткопување на довербата на граѓаните кон судството.

Судиите и новинарите, рече Деваја, во интерес на граѓаните мора да бидат партнери. Треба да се зајакнат капацитетите за односите со јавноста, како и да има соодветна едукација за известувањата од судовите.

Судијата Деваја говореше и за социјалните медиуми, кои ги оцени како современи моќни медиуми, и за тоа дали судиите треба да ги користат нив. На меѓународен план, образложи Деваја, има различни пристапи. Според едниот, судиите не треба да користат социјални медиуми, според други – треба да користат. Во таа смила, има разлика меѓу американските и европските судии. Американските судии, истакна Деваја, во голема мера ги користат овие медиуми, дури постојат и случаи да даваат свои мислења по одредено прашање, но во свое име, а не во име на судот.

На денешната расправа говорник беше и Васко Попетрески, новинар, кој говореше за предизвиците во односот помеѓу судот и медиумите. Попетрески во своето излагање ја постави дилемата околу примената на законските прописи во врска со транспарентноста и укажа на тоа што покажува практиката во врска со ова прашање. Дел од судиите посочија дека има проблеми во законското и деловничко прецизирање на одредби од прописи кои се однесуваат на транспарентноста.

Попетрески посочи дека сите нејаснотии,било од аспект на законите, било од аспект на практиката и примената на законите, треба да се гледаат и од аспект на самата довербата во судството и дека тие доведуваат да се поткопува таа доверба. Како новинари, рече Попетрески, имаме обврска да водиме сметка за јавниот интерес и се случува да има пречка за тоа, а пречките не придонесуваат за зајакнување на довербата во судството.

Судиите заклучија дека е потребно да има засилена соработка помеѓу судиите, Здружението на судии и Здружението на новинари, преку која ќе се интензивира комуникацијата и ќе се изнаоѓаат решенија во насока на доследно почитување на начелото на транспарентност како суштинско начело за правната сигурност.

На тридневната расправа во организација на Здружението на судии се говореше за прашањата за реформите во делот на зајакнување на капацитетите на судството во согласност со Планот 3-6-9, како предуслов за обезбедување на судска независност;  за реформата на кривичното законодавство и за казнената политика на судовите, во светло на реформата на правосудството и зајакнување на транспарентноста на судовите и подобрување на односот судство – медиуми.

Судиите и професорите дискутираа за кривичното законодавство во светло на реформата на правосудството

Научна и стручна расправа за пристапот до правдата и реформите во судството, во организација на Здружението на судии

М.В