/ Прочитано:

1.431

„Треба да се бориме за нашите права“ – младите со конкретни програми за вклучување во социо-економските процеси во Македонија

Мерките за поддршка на лицата во социјален ризик мора да бидат фокусирани кон интегрирање на младите на пазарот на трудот, а како што стои во препораките од анализата мора да се работи на процена на капацитетите на младите луѓе со што ќе се олесни кариерното насочување. „Неквалификуваните треба да добијат шанса. Мора да се изработи целосна стратегија за превенција од социјалната исклученост, а раното препознавање на ризиците со кои се соочуваат поединци и цели семејства е од огромна важност. Државата мора да има мултипрофесионален пристап за да може да обезбеди вклучување на младите“, е наведено во Студиската анализа на потреби.

Млади луѓе

Вклучувањето на младите во социо-економскиот живот во Македонија е од клучно значење за развојот на општеството, но за жал нашата држава воопшто не располага со конкретни податоци за тоа колкава е вклученоста на младите луѓе, на возраст од 18 до 30 години во креирањето на социјалните, економските и политичките процеси во Македонија.

Ова е заедничка констатација која произлегува од анализата на повеќе невладини организации од Македонија и од уште четири држави од Западен Балкан: Албанија, Србија, Црна Гора и Турција, кои спроведуваат проект за предизвиците и патоказите за социјалната, економската и политичката инклузија на младите во своите општества.

Според невладината организација „Коалиција СЕГА“ ова е тема за која сите мора подлабоко да размислат, особено поради фактот што македонското општество нема никакви програми и планови за активно вклучување на младите кои се во социјален ризик.

Студиската анализа на потреби, како што истакна извршниот директор на оваа невладина организација, Зоран Илиески, покажува дека ранливата категорија млади примателите на социјална помош е целосно отфрлена и не ги ужива истите права како и останатите.

„Тие имаат ограничен пристап до ресурси, како и ограничен пристап до услуги, а таквата состојба најчесто произлегува од проблемите кои се директно поврзани со невработеноста, недостигот од социјална грижа и недостигот од пристап до институциите. Оваа категорија млади луѓе најчесто работат на црно бидејќи не поседуваат одредени вештини со кои можат да бидат конкурентни на пазарот на трудот во Македонија. Неможноста за засновање работен однос има долгорочни последици врз целокупното општествено живеење. Исто така, се намалува и бројот на склучени бракови, а тоа пак има негативни последици врз демографската структура во земјата“, посочува Илиески.

Истражувањето ја прикажува фактичката состојба на нивните реални потреби, вели Илиески, нагласувајќи дека најголемиот број од младите кои се во социјален ризик се со средно образование – 55 отсто, а дури 92 отсто од нив немаат ниту еден ден работен стаж. Овој факт сам по себе говори дека тие немаат никаква шанса да станат компетентни и конкурентни, кога станува збор за вработување. Исто така, немаат можност ниту за надградба на вештини, нешто на што воопшто не се посветува внимание во текот на средното образование.

„80 отсто од младите приматели на социјална помош никогаш не посетувале курс, некаква обука за дополнителни вештини кои им се потребни да излезат на пазарот на трудот. А нашата анализа покажа дека 85 отсто од испитаниците сакаат и искажуваат огромна волја да одат на обука со цел да ги надградат своите вештини. Најголем интерес покажуваат кон областите за кои и реално има најголема побарувачка на трудот: градежната индустрија – армирање, правење фасади, шелување, ѕидање; потоа авотиндустријата – автолакери, автомеханичари; покажуваат интерес и за машинобраварски обуки, за курсеви по електротехника, интерес за обуки за нега на стари лица. Сметам дека овозможувањето пристап до вакви курсеви треба биде една од стратегиските мерки и приоритети на државните институции во текот на следната година. Државата мора да креира политики со кои полесно ќе пристапи до овие луѓе кои немаат образование, а сакаат да бидат дел од пазарот на трудот“, вели Илиески.

Од друга страна, и невладините организации треба да преземат активности за изработка на програми во кои ќе бидат вклучени младите, а фокусот, според Илиески ,треба да биде ставен на подигнување на самодовербата и самопочитта сè со цел да се потенцира нивната компетентност и работоспособност.

НВО „Коалиција СЕГА“ смета дека од големо значење се и активностите на локално ниво за креирање планови за социјална инклузија на неактивните млади со цел да се интегрираат првично во локалната заедница, а потоа и во општеството во целина. Мерките за поддршка на лицата во социјален ризик мора да бидат фокусирани кон интегрирање на младите на пазарот на трудот, а како што стои во препораките од анализата мора да се работи на процена на капацитетите на младите луѓе со што ќе се олесни кариерното насочување.

„Неквалификуваните треба да добијат шанса. Мора да се изработи целосна стратегија за превенција од социјалната исклученост, а раното препознавање на ризиците со кои се соочуваат поединци и цели семејства е од огромна важност. Државата мора да има мултипрофесионален пристап за да може да обезбеди вклучување на младите“, е наведено во Студиската анализа на потреби.

Инаку, Асоцијацијата „Младиинфо интернационал“, која е носител на проектот, смета дека вклученоста на младите е потребна во секој сегмент, особено во носењето одлуки на секое ниво, регионално, локално ниво.

„Треба да бидеме свесни дека сме млади луѓе кои имаат можност да го кренат својот глас и да се борат за она што им следува. Пред сè треба да се работи на дефинирање на поимот млади, а потоа треба да произлезе и закон за млади“, вели Марија Матовска, координатор на програмата „Предизвици и показатели за социјална, економска и политичка вклученост на младите во Македонија“.

А. Б.