/ Прочитано:

3.095

ТРЕТА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ОХРИДСКА ШКОЛА НА ПРАВОТО“: „Ефикасната заштита на човековите права и слободи: реалност или идеал“

Во организација на Институтот за правно-економски истражувања и едукација, „Јуридика Прима“, во Охрид се одржа третата Меѓународна научна конференција „Охридска школа на правото“.

Темата на годинешната конференција беше „Ефикасната заштита на човековите права и слободи: реалност или идеал“ и на неа говореа еминентни универзитетски професори од Македонија и регионот, претставници на правосудството и правната практика и академската заедница.

„Идејата на годинешната трета по ред школа е да се подобри законската регулатива во заштитата на човековите права, а тоа неминовно ќе се рефлектира и со подобрување на самото општество“, беше истакнато на почетокот на меѓународната конференција.

Годинешната „Охридска школа на правото“ ја отвори деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски, кој во своето обраќање ја истакна улогата на правната наука во општеството, првенствено во насока на подобрување на законските решенија кои ги тангираат граѓаните и нивните права.

„Ми претставува особена чест и задоволство како декан на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ да ја отворам 3. Меѓународна научна конференција ‘Охридска школа на правото’ годинава, со тема ‘Ефикасната заштита на човековите права и слободи: реалност или идеал’. Во оваа прилика би сакал особено да истакнам дека ‘Охридската школа на правото’ ја продолжува традицијата на првиот универзитет на Балканот, Светиклиментовиот универзитет во Охрид од IX век од н.е., на кој, меѓу другото, се изучувало и правото“, истакна Коевски.

Целта и мисијата на „Охридската школа на правото“, додаде Коевски, се да овозможи да се слушне „гласот“ на правната наука од страна на пошироката јавност и особено од законодавецот.

„Во ‘Охридската школа на правото’ преку анализа и дебата за актуелни прашања од областа на правото од страна на истакнати професори, доценти, асистенти, практичари, нотари, судии, адвокати, магистранди и студенти, се даваат идеи и предлози во насока на постигнување на едно подобро и попросветлено општество во кое ќе се практикуваат правната сигурност и владеењето на правото“, нагласи деканот на најстариот правен факултет во земјава.

„Во своето скромно тригодишно постоење, ‘Охридската школа на правото’ бележи значајни резултати, давајќи свој придонес во научната мисла за подобрување на правната регулатива во законодавствата од регионот и пошироко. Во таа смисла, на оваа школа до денес учествувале 132 автори од реномирани правни факултети од земјата и од странство, кои изготвиле  повеќе од 100 трудови на актуелни прашања од областа на правото. Покрај авторите на трудовите, на школата учествувале повеќе од 120 учесници, и тоа: судии, нотари, адвокати, магистри, постдипломци и студенти по право“, истакна Коевски.

„Охридската школа на правото“, вели доц. д-р Ангел Ристов, се базира врз старите корени на Светиклиментовиот универзитет и тоа е причината зошто токму градот Охрид е местото каде што се одржува оваа школа.

„Годинава  говориме за  ефикасната заштита на човековите права како мошне значајна тема, која предизвикува голем интерес и во теоријата и во практиката. Од историјата на човештвото, позната е вечна борба и вечниот идеал за почитувањето на човековите права“, истакнува Ристов.

„Во таа смисла, ефикасната заштита на правата е од суштинско значење за правната сигурност и за владеењето на правото кое подразбира дека сите граѓани се еднакви пред законите“, образложува доц. д-р Ангел Ристов, подвлекувајќи дека човековите права и слободи не уживаат само заштита од националните судови, туку и од Европскиот суд за човековите права.

Во таа смисла, додава доц. д-р Ангел Ристов, нашата улога како правници е да истражуваме и да даваме насоки на дејствување, особено во поглед на подобрување на регулативата, но и во поглед на ефикасната заштита на човековите права кои доколку би немале соодветна заштита би останале само голо слово на хартија.

М.В