/ Прочитано:

1.697

Трговците и Институтот на сметководители со заеднички заклучок за утврдувањето на цените на сметководствените услуги

Во Стопанската комора на Македонија се одржа седница на Здружението на трговијата. На седницата Здружението на трговијата и Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ ги разгледаа спорните прашања и утврдија заеднички заклучок во врска со утврдувањето на цените на сметководствените услуги.

Исто така, посочуваат од Стопанската комора, на седницата се разгледа и прашањето во врска со утврдувањето на цените на сметководствените услуги и донесените акти од страна на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС), кои во изминатиот период им создаваа проблеми на трговците, од аспект на драстично зголемените цени во согласност со критериумите наведени во предлог-актите кои ги донесува Институтот.

„Трговците укажаа на определени практични проблеми со кои се соочиле во изминатиот период, поврзани со понуда на договори од сметководствените бироа со кои соработувале, во кои цената на услугите за кои дотогаш плаќале определени договорени износи се зголемила неколку пати повеќе. Притоа, дел од присутните посочија и дека во согласност со информациите што ги добиле од своите сметководители, причината за тоа се новите акти на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС) според кои се утврдени критериуми и минимални цени за сметководствените услуги“, истакнуваат од Стопанската комора.

На седницата присуствуваа и Ленче Папазовска, претседател на ИСОС, како и претставници од органите на Институтот, кои појаснија дека на 11 септември 2017 година Институтот има донесено одлука и нов Правилник за критериумите за утврдување на цените на сметководствените услуги, кој претставува рамка за определување на цените на сметководствените услуги, но не претставува ограничување за слободно уредување на цените во согласност со пазарните услови, ниту пак има утврдени минимални цени, а критериумите се само определена основа или патоказ кој сметководителите и овластените сметководители треба да го применуваат при утврдувањето на цените.

Здружението на трговијата и Институтот на сметководители и овластени сметководители утврдија и заеднички заклучок дека се поддржува утврдувањето критериуми за цените на сметководствените услуги, во насока на сузбивање на сивата економија, но притоа им се препорачува на трговците и други субјекти со договори да ги уредат сите права и обврски околу вршењето на сметководствените услуги со лиценцираните друштва за сметководствени услуги, на начин што ќе овозможи почитување на утврдените критериуми, но и слободата на договарање во зависност од обемот на дадените услуги и пазарните услови на стопанисување.

M.В