/ Прочитано:

880

Три жени пронајдени по деценија заробеништво — тројца браќа осомничени за нивното киднапирање

Вторник, 7 мај 2013 – Тројца браќа од латиноамериканско потекло се уапсени под сомнение дека пред десетина години киднапирале три жени кои вчера беа пронајдени живи во една куќа во градот Кливленд во сојузната држава Охајо. 

Жените биле пронајдени кога човек, кој живеел во соседството, слушнал врискотници и упаднал во куќата каде ја затекнал Аманда Бери, кој исчезнала во времето кога била тинејџерка. Од куќата таа излегла заедно со малолетно девојче, по што од мобилниот телефон на соседот веднаш се јавила во полиција.

„Помогнете ми. Јас сум Аманда Бери. Бев киднапирана пред 10 години и сега сум тука, слободна сум…“, им објаснила возбудената жена на операторите на службата за итни повици 911 посочувајќи дека нејзиниот киднапер не е моментно во куќата.

Според медиумите, станува збор за браќата Кастро, кои се на возраст од 50, 52 и 54 години. Тие се сомничат за киднапирање и за силување на жените.

Сопственик на куќата каде беа пронајдени жените е еден од браќата, 52-годишниот Ариел Кастро, кој работел како возач на училишен автобус.

Иако деталите од киднапирањето и она што во текот на тие 10 години се случило се’ уште не се познати, се верува дека Бери во текот на заробеништвото родила и дете, односно девојчето со кое излегла од куќата.

Трите жени веднаш се пренесени во болница, каде лекарите констатирале дека се во добра здравствена состојба.

„Имаме многу прашања кои се без одговор. Среќен сум што трите млади жени беа пронајдени живи“, изјави градоначалниот на Кливленд, Френк Џексон, додавајќи дека истрагата за целиот случај е во тек.

Аманда Бери исчезнала на 21 април 2003 година. Втората жена, Џина Де Џизис била киднапирана една година подоцна, а третата, Мишел Најт уште во 2000 година. Во времето на киднапирањето Бери имала 17 години, ДеЏизис 14, а Најт 20.

Интересно е што синот на Ариел Кастро, за време на студентските денови, во 2004 година имал напис во еден локален весника токму за киднапирањето на  Џина Де Џизис.