/ Прочитано:

886

Трибина на тема „Вовед во човекови права и правна заштита од дискриминација“

Во Кичево синоќа се одржа трибина на тема „Вовед во човекови права и правна заштита од дискриминација“, која беше организирана од Сенада Сали, добитничка на наградата за младинско учество, која ја доделува Проектот за УСАИД за граѓанско право. На трибината учествуваа поголем број млади Роми од Кичево.

„Ова е последната работилница, по работилниците во Скопје и во Битола, кои се веќе завршени. Со оваа работилница доволно е да се подигне свеста кај учесниците самите тие да истражуваат бидејќи во еден ден не е возможно во целост да научат сè за оваа проблематика“, рече меѓу другото Сенада Сали, правник во Европскиот центар за правата на Ромите во Будимпешта.

Со свои размислувања и предлози излегоа и учесниците на оваа трибина, кои беа проследени со прашања на тема дискриминација од секаков вид врз Ромите во земјава.

Емин Мамудоски од НВО „Преродба“ од Кичево истакна дека „преку оваа и другите работилници, што ќе следуваат во текот на есента, ќе се работи на зголемување на свеста на ромската популација за нивните права и на кои сегменти треба да се работи за и тие да бидат рамноправни граѓани на оваа заедница.“