/ Прочитано:

1.180

Трибина: „Општествено-одговорни бизниси – акција за клима“

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, на трибината посветена на климатските промени најави преземање повеќе мерки во оваа насока, притоа нагласувајќи дека во подобрување на состојбата со климатските промени мора да учествуваат и бизнис заедницата, невладиниот сектор, но пред сè, и самите граѓани со своето секојдневно однесување.

На денешната трибина насловена „Општествено-одговорни бизниси – акција за клима“ беше заклучено дека се потребни заеднички залагања на државата, компаниите, невладиниот сектор и граѓаните за справување со климатските промени и тоа единствено преку зачувување и подобрување на животната средина. На настанот, кој заеднички беше организиран од страна на Амбасадата на Германија во Македонија и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ од Скопје, германскиот амбасадор, Томас Норберт Герберих, изјави дека состојбите со животната средина се од исклучителна важност за секоја држава.

„Тие се значајни и ги засегаат сите, односно и големите и малите земји, без разлика на нивото на развиеност. Од тие причини, неопходно е сите чинители да имаат координиран пристап во разрешувањето на еколошките проблеми. Во ноември оваа година во Бон ќе се одржи светска климатска конференција посветена на намалувањето на емисијата на стакленички гасови. Германија презема многу активности во оваа насока. Во Македонија ние поддржуваме два вакви проекти меѓу кои е инсталацијата ‘Сити три’ (City tree)“, потенцираше амбасадорот Герберих.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, на трибината посветена на климатските промени најави преземање повеќе мерки во оваа насока, притоа нагласувајќи дека во подобрување на состојбата со климатските промени мора да учествуваат и бизнис заедницата, невладиниот сектор, но пред сè, и самите граѓани со своето секојдневно однесување.

„Бизнис заедницата мора да добие точни и навремени информации за процесот на усогласување на легислативата со законодавството на Европската Унија во делот на животната средина. Мора да се надмине проблемот со собирањето на парите од еколошките такси и намерата тие да се трошат конкретно на зачувување на животната средина. За оваа цел, мора да се формира еколошки фонд, наместо како досега, парите да одат во централниот буџет и потоа да не се знае за која намена се потрошени“, рече Макрадули.

Макрадули истакна и дека Владата треба да го поддржи еколошкото работење преку т.н. регулаторна гилотина за надминување на бирократските пречки за еколошко свесни компании и бизниси, а истовремено, според него, мора да има постојана контрола, набљудување и преземање соодветни мерки за загадувачите на средината.

„Сите овие законски предлози мора да ја поминат собраниската процедура“, изјави Макрадули.

А. Б.