/ Прочитано:

1.947

ТРИБИНА ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ПРАВОСУДСТВОТО: „Политиката нема да се меша во судството, ниту да прави генерален реизбор на судии“

Денеска во Клубот на пратениците, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за правда одржаа заедничка работна средба посветена на имплементацијата на реформите од „Планот 3-6-9“ кои се однесуваат на правосудството. На трибината зедоа учество заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за правда Билен Салији, како и претставници на институциите во чија надлежност е имплементацијата на мерките за правосудството предвидени во „Планот 3-6-9“.

Целта на оваа трибина, истакна на почетокот на настанот вицепремиерот Бујар Османи, е заедно со претставниците на независните институции во судството да создадеме консензус во однос на потребата за реформи, да ги координираме активностите во делот на мониторирањето и, имплементирањето, како и во делот на информирањето.

„Спроведувањето на судските реформи е еден од клучните услови во политичкиот дел на критериумите кои Македонија треба да ги исполни за членство во ЕУ, а со ‘Планот 3-6-9’ најголем дел од мерките, вкупно 13, се предвидени токму во областа на правосудството. Оттука ‘Планот 3-6-9’ најголем број мерки има токму за правосудството – 13, за кои е надлежно Министерството за правда. Меѓутоа, ние како координатори на тој проект го олеснуваме, го координираме и го правиме процесот инклузивен“, рече Османи.

„Во врска со изјавата дали ќе има или ќе нема реизбор на судии, консензуален е ставот на Владата, на Европската комисија, на телата на Советот на Европа, вклучувајќи ги и Венецијанската комисија и ГРЕКО, дека неопходни се суштински реформи во судството. Меѓутоа, интерпретирањето дека Владата или политичките партии ќе прават генерален реизбор на судии е погрешна интерпретација. Политиката нема да се меша во судството, ниту да прави генерален реизбор на судии, ниту, пак, моделот којшто се објаснува дека ќе се користи. Албанскиот модел на судии, исто така, не може да се имплементира затоа што секој систем е направен во согласност со условите на државата. Нашиот став е суштински реформи во судството, да. Таму каде што се згрешило, ќе има мерки, меѓутоа, таа надлежност се дава на Судскиот совет како орган којшто врз основа на квалитативни и квантитативни критериуми ќе донесе одлука. Меѓутоа, немешање на политиката и немешање на Владата, ниту на новото парламентарно мнозинство во тој дел. Судскиот совет во рамки на судството ќе треба да прави суштински реформи“, додаде Османи.

Министерот за правда Билен Салији истакна дека Министерството за правда во рамки на своите надлежности веќе има формирано Совет за следење на реформите во правосудството и работни групи кои работат на донесување, односно унапредување на стратегијата во правосудството која се очекува Владата да ја донесе до октомври годинава.

„Со формирање на подгрупи, ќе се работи на донесување специјални закони кои се однесуваат, исто така, на обврските во делот на правосудството, а тоа е ставање вон сила на Законот за утврдување на факти и пренесување на сите надлежности назад во Судскиот совет на РМ. Таму ќе ги утврдиме сите принципи прецизно за постигнување што понезависно ниво на работење“, рече Салији.
М.В