/ Прочитано:

1.605

Трибина за ветингот во МВР

„Ветингот е процес во којшто преку систем на институционализирани проверки на вработените ќе се процени соодветноста на вработените не само за нивната работна позиција туку и во поглед на нивното етичко, но и кривичноправно поведение, а визави функцијата што ја извршуваат или треба да ја извршуваат.  Поентата на овој механизам е да овозможи индивидуален, но и институционален интегритет и кредибилитет, елиминирајќи ги можностите од разните облици на незаконито дејствување, се разбира,  вклучително и коруптивното“, беше истакнато на денешната трибина посветена на ветингот во МВР, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, а на која учество зедоа универзитетски професори, претставници на невладини организации, како и претставници на повеќе институции.

Ветингот, беше истакнато на денешниот настан,  е примарно потребен кај јавните службеници во институциите за спроведување на законите, пред сè, правосудството, полицијата, затворските служби, царината и слично, поточно секаде онаму каде што се детектираат ранливите алки во системот, односно реално влијание или подложност кон коруптивност или други форми на незаконитост.

„Низ призмата на нашето минато, ќе се согласиме дека нам повеќе од неопходно ни е потребен силен, конкретен исчекор во конечното втемелување на принципите на правната држава, односно владеењето на правото. Недостатоците со кои се соочувавме во рамките на правосудниот и безбедносниот систем во минатото и чии рецидиви  се провлекуваат и до ден денес ја наметнуваат потребата да пристапиме кон проверка на интегритетот на секој вработен во овие системи. Имено,  од првиот момент од кога сум на оваа функција апсолутно сум свесен дека ова министерство, како орган на државната власт, е најодговорно за остварување на системот на јавната безбедност во рамките на кои е заштитата на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот и законите и во ова министерство од круцијално значење е прашањето за интегритетот на секој работник во него, односно на полицијата“, рече министерот Спасовски.

Ветингот е крајно сериозен, сложен процес којшто не трпи импровизации, недоречености или  површност. Затоа, ја организираме оваа дебата со намера да ја вклучиме стручната и друга јавност и преку сеопфатна размена на идеи, искуства, сознанија, анализи да дојдеме до најоптималниот концепт прифатлив и применлив за нашето општество за институциите, за граѓаните.

„Искажуваме подготвеност и решително и свесно влегуваме во сложен и долг процес заради обезбедување чесни, кредибилни, посветени и одговорни работници преку проверка и евалуација на нивните вештини, компетенции, што е во насока на воспоставување на силна институција која ќе биде гарант на стабилноста и безбедноста во нашата држава. Ветингот ја дава можноста за своевидно ослободување или прочистување на институциите од системот од влијанијата, било политички, било економски, или други, коишто  како исход ги имаат коруптивноста и криминалот, притоа наметнувајќи ги законитоста и интегритетот како единствена содржинска, а не формална потреба, како примарна  институционална, но и персонална карактеристика во работењето во јавната сфера“, рече Спасовски.

М.В