Тридневна конференција на тема „Азил и миграција“ — свое излагање ќе имаат судии од повеќе европски земји
Среда, 10 април 2013 – Во насока на унапредување на комуникацијата и соработката помеѓу земјите од регионот за заедничко делување на полето на азилот и миграцијата, Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТАIEX) на Европската комисија на ЕУ, организира тридневна конференција на тема „Азил и миграција“.
Конференцијата има за цел да придонесе за јакнење на капацитетите за ефективни правни лекови по прашањата за азил и да промовира понатамошно јакнење на судската независност и владеењето на правото.
На конференцијата ќе присуствуваат судии кои работат на предмети од областа на правото на бегалците и претставници од Правосудните академии од земјите од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, како и претставници од канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации- УНХЦР, претставници од одделението за азил и миграција при Министерството за внатрешни работи, претставници од канцеларијата на Народниот правобранител и претставници од Министерството за правда.
Конференцијата ќе придонесе судиите од Регионот заеднички да ги разгледаат судските пресуди за азил во земјите од Западен Балкан со цел понатамошна соработка и размена на инфромации за националните и меѓунардоните закони и практики поврзани со статусот на бегалците, пришто ќе се воспостави и регионална соработка која ќе биде поддржана од ЕУ и УНХЦР.
Учесниците на конференцијата ќе имаат можност да ги претстават основните аспекти на законот за азил и правата на бегалците на земјата од која доаѓаат и да се запознаат со судската пракса на Судот на правдата на ЕУ.
На собирот ќе бидат презентирани и практични примери кои го опфаќаат делувањето на адвокатите, невладиниот сектор и надлежните министерства во областа на азилот и миграцијата.
Конференцијата денеска со воедно обраќање ќе ја отворат директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, раководителот на Одделението за економски прашања, зајакнување на институционалните капацитети и претпристапни извествувања при Делегација на ЕУ, Лукас Мелка и државниот секретар на МВР на РМ, Виолета Јанковска.
На конференцијата излагања поврзани со темата ќе имаат судии од Словенија, Белгија, Обединетото Кралство, Шведска, Ирска, како и претставници од Центар за обука, квалитет и стручност при Европска канцеларија за поддршка на азил и Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР.