Триесет и двајца припадници на безбедносните сили на МВР постхумно одликувани со медал за храброст
Вторник, 7 мај 2013 – По повод 20-годишнината од одбележувањето на 7 Мај-Денот на баталјонот на Воената полиција и Денот на полицијата и безбедноста, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, денеска постхумно им додели медал за храброст на 32 припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, кои својот живот го положија служејќи и на државата. На постхумното доделување на медалите за храброст присуствуваше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, припадници на МВР и семејствата на загинатите припадници на МВР.
Претседателот Иванов во обраќањето пред присутните рече „никогаш целосно не можеме да им се оддолжиме на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија, но, можеме и мораме да им оддадеме почит за нивната голема жртва“.
„Нивните животи беа насилно и прерано прекинати. Останаа многу големи желби неисполнети, многу важни мигови недочекани, многу години непреживеани. Остана голема болка што сите ние и денес ја чувствуваме. Но, исполнетоста и целосноста на еден човечки живот не се мери само во годините изминати на овој свет. Се мери и според делата што се направени, обврските што се исполнети, заветот што е оставен во наследство“, посочи Иванов.