/ Прочитано:

5.542

Тркалезна маса на „Јустинијан Први“ за креирањето на правна регулатива во најдобар интерес на децата и нивните права

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во рамките на активностите по повод одбележувањето на 25-годишниот јубилеј од постоењето, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, организираше тркалезна маса на тема „Улогата на граѓанските организации во креирањето на правна регулатива во најдобар интерес на децата и нивните права“.

Денешната тркалезна маса, истакна Васка Бојаџи на почетокот од настанот, е дел од серијата настани посветени на значајниот јубилеј – 25 години од основањето на „Меѓаши“, која е најстара граѓанска организација во Република Македонија за заштита на правата на детето, основана на 29 април 1992 година.

По повод денешниот настан, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Горан Коевски, истакна дека денешната тркалезна маса „Улогата на граѓанските организации во креирањето на правна регулатива во најдобар интерес на децата и нивните права“ е едно парче од мозаикот за соработката што ќе следува помеѓу најстариот правен факултет и најстарата организација, со што се засилува соработката за правата на децата, а во име на доследната заштита на правата на децата.

Деканот Коевски истакна дека улогата на Првата детска амбасада во светот е исклучително значајна за македонското општество, што најдобро се огледа во активностите и успесите на „Меѓаши“, особено во поглед на креирањето и лобирањето за  правната регулатива која се однесува на заштитата на правата на детето.

Улогата на граѓанските организации во креирањето на правна регулатива во најдобар интерес на децата и нивните права е огромна. Во таа насока, невладините организации, посочи Коевски, имаат суштинско значење и во поглед на активниот мониторинг за заштита на правата на децата, зголемување на свеста и мобилизација на сите засегнати институции и авторитети.

„Во моментов сме сведоци колку граѓанските организации и иницијативи можат да придонесат за подобрување на регулативата. Деновиве сме сведоци на потпишувањето на петицијата за правата на децата со посебни потреби“, нагласи Коевски.

Искажувајќи задоволство што денешниот настан се одржува на Правниот факултет „Јустинијан Први“, деканот Коевски истакна дека професорите од Правниот факултет во соработка со граѓанските организации секогаш ќе даваат свој придонес во подобрувањето на регулативата за заштита на правата на детето.

Основачот на „Меѓаши“, м-р Драги Змијанац, истакна дека Првата детска амбасада во светот во изминатите 25 години отворила многу прашања за заштитата на правата на децата, максимално посветувајќи се на подобрување на состојбата со правата на децата и во таа насока на подобрување на законската регулатива.

Кога се нарушуваат правата на децата, нагласи Змијанац, ние сме бескомпромисни. Секогаш сме на страната на децата и она што е најдоброто за нив, а тоа првенствено е заштитата на нивните интереси и права. Во изминативе години, подвлече Змијанац, поднесовме многу иницијативи и успеавме да реализираме многу промени од правен и социолошки аспект.

Тој потсети дека воведувањето детски омбудсман е една од почетните иницијативи на „Меѓаши“, која резултирала со воведување на заменик народен правобранител за правата на децата. Иницијативите за ратификување на најзначајните конвенции за правата на децата, како и законските измени за подобрена заштита на правата на децата, исто така се едни од клучните активности кои го одбележаа 25-годишното постоење на „Меѓаши“.

„Преку нагласувањето на одредбите од Конвенцијата за заштита на правата на детето на Обединетите нации и на препораките на Комитетот за правата на децата ја потсетуваме државата  што треба да се направи во насока на заштита на правата на децата како произлезена обврска од Конвенцијата за правата на детето“, нагласи Змијанац, додавајќи дека и една од целите на Првата детска амбасада е да врши притисок државата да биде функционална и институциите да бидат активни.

Змијанац посочи дека прашањата за одговорното родителство  по развод, правото на децата кои се посвоени да си ги знаат своите биолошки родители, построгото  санкционирање на сексуалните злосторници преку доживотен затвор за рецидивизмот, помошта за децата со здравствени проблеми чии родители денес протестираат пред Собранието, формирањето на неформалната коалиција за чист воздух, се едни од прашањата кои ги иницирала или на кои дала поддршка Детската амбасада.

Заменик народниот правобранител Јован Андоновски рече дека постоењето на „Меѓаши“ го карактеризира еден импресивен период на активности и дека Народниот правобранител како институција и Првата детска амбасада во светот преку заемна соработка  се борат за заштита на правата на децата.

„И Народниот правобранител и ‘Меѓаши’ се борат за заштита на правата на граѓаните, односно за правата на децата. Денес во Канцеларијата на народниот правобранител има посебно лице, заменик народен правобранител, кој работи исклучиво на правата на децата. Можеби не е модел како во скандинавските земји, но е чекор кон подобрување на состојбите“, истакна Андоновски.

Заменик народниот правобранител истакна дека во месец април измените на Законот за народен правобранител стапија во примена и со нив, како што образложи Андоновски, Народниот правобранител веќе добива можност да има поактивна улога во поглед на заштитата на човековите права, а со тоа и во поглед на заштитата на правата на детето.

„Со заедничка посветеност и соработка на Народниот правобранител и граѓанските организации и преку соодветна комуникација може да се исполни мисијата која се однесува на промоција и ефективна заштита на правата на децата“, истакна Андоновски, резимирајќи дека граѓанските организации многу често го препознаваат Народниот правобранител како партнер за промоција на човековите права и слободи.

Катерина Конеска, раководителка на програма во „Меѓаши“, на денешниот настан говореше за Конвенцијата за заштита на правата на детето која на државите им наложува да дејствуваат во најдобар интерес на детето.

Во Македонија, истакна Конеска, потребно е поголемо запознавање со одредбите на Конвенцијата за правата на детето, како од едукативен, така и од аспект на практиката, што многу ќе придонесе за доследна заштита на правата на децата.

Професорот Никола Тупанчески рече дека за него јубилејот на „Меѓаши“ има емотивно значење, бидејќи и професорот бил вклучен во почетните процеси на дејствувањето на Првата детска амбасада во светот. За професорот, несомнено, „Меѓаши“ направила исклучителни работи за заштита на правата на децата, секогаш поставувајќи се како нивен заштитник.

Мисијата на секоја граѓанска организација, подвлече професорот, па така и мисијата на „Меѓаши“, покрај другото, е да биде и коректор на власта, затоа што граѓанските организации даваат предлози кои се најдобронамерни. Со такви предлози, истакна професорот Тупанчески, резултатите не изостануваат и тие предлози на невладините организации мора секогаш да се слушнат.

Говорејќи за усогласеноста на домашната правна рамка со меѓународната правна регулатива за заштита на правата на децата, професорот образложи дека во Македонија не е проблемот во ратификувањето на конвенциите, туку во нивната имплементација. Конвенциите, посочи професорот, мора да се адаптираат на условите во конкретната држава, а тоа што е дадено во меѓународен документ е рамка.

Тупанчески истакна дека од аспект на конвенциското право, проблематична е формулацијата малолетник, особено затоа што во Конвенцијата се користи поимот дете. До 2007 година казнено-правната заштита беше составен дел од Кривичниот законик, за потоа да се донесе нов Закон за малолетничка правда, кој набргу се замени со Законот за правда на децата. Честите измени на законите, дури и на одредби кои воопшто не се применети, подвлече професорот, не придонесуваат за правната конзистентност. Во таа смисла, мора секогаш да се видат искуствата од практиката, затоа што, како што вели една латинска поговорка, практиката е коректор на законите.

Осврнувајќи се на прашањето за хемиската кастрација на педофилите, професорот оцени дека номотехничките решенија и нормативните недоречености ја проблематизирале почетната идеја за воведување на ваквата мерка.

„Во кривичното право, клучни се превенцијата и ресоцијализацијата, па треба секогаш да се внимава дали со решавањето на еден проблем нема да се создаде друг. Од тие причини, кога постои идеја да се подобри одредено законско решение или да се воведе ново, мора да се консултираат науката и практиката“, истакна Тупанчески.

Професорот нагласи дека на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во голема мера е присутен интересот на студентите за научноистражувачка работа во доменот на заштитата на правата на децата.

Студентите, пак, кои присуствуваа на денешниот настан истакнаа дека правата на децата за нив се исклучителен мотив за истражување, преку кои може да ги анализираат сите дилеми кои се наметнуваат во практиката, но и сите прашања што се наметнуваат во теоријата.

M.В