/ Прочитано:

460

Тркалезна маса „Стандарди на интегритетот во јавниот сектор според Конвенцијата на Обединетите нации против корупција“

Борбата против корупцијата во Република Северна Македонија треба да се води на сите нивоа за да биде успешна. Од справување со ситната, секојдневна која поттикнува начин на однесување и култура на подмитување, до крупната корупција која доведува до нефункционални институции и го попречува развојот на земјата. Конвенцијата на Обединетите нации против корупција како глобален инструмент фокусиран на поттикнување отчетност, интегритет и транспарентност има развиено ефикасни начини и мерки кои може да придонесат кон намалување на нивото на корупција во државата на сите нивоа и во исто време да поттикнат добро владеење. Ова се дел од заклучоците од денешната конференција „Стандарди на интегритетот во јавниот сектор според Конвенцијата на Обединетите нации против корупција“, што ја организираа Министерството за правда и УНДП.

„Конвенцијата на Обединетите нации против корупција, имајќи го предвид нејзиниот материјален опфат и бројот на држави – страни, претставува најзначаен меѓународен инструмент за борба против корупцијата. Од нејзиното ратификување, уште во 2007 година, вклучени сме во сите меѓународни активности кои се поврзани со оваа Конвенција. Борбата против корупцијата е стратешки приоритет на Владата. Во таа насока, континуирано се заложуваме за подобра соработка и координација меѓу институциите, јакнење на капацитетите на институциите и нивната отвореност за соработка со граѓанскиот сектор, како и за унапредување на меѓународната соработка, со цел ефективна борба против корупцијата“, изјави Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда.

За да се постигне применлив систем на превенција, Конвенцијата на ОН против корупција меѓу другото посочува дека процесот на вработување и унапредување треба да се заснова на транспарентност, објективност и мерит-систем. Понатаму, клучно е и придржувањето кон етичките кодекси од страна на службените лица на сите нивоа на административната структура, а за прекршителите примена на дисциплински и други мерки.

„Структурата на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата укажува дека е потребен сеопфатен систем за борба против корупцијата кој вклучува превентивни мерки, криминализација, конфискација и враќање на имотот, како и меѓународна соработка. Покрај ефикасната реакција кон сторителите на корупција, неопходни се и мерки со кои ќе се намалат ризиците од корупцијата, но и ќе се зајакне свеста и интегритетот на службените лица. Значајно е и воспоставување на ефикасни канали за пријавување на корупција и заштита на укажувачите“, рече Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупција.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) соработува со Министерството за правда во спроведување на Акцискиот план за имплементација на препораките од Конвенцијата за спречување на корупција на ОН. Дополнително, УНДП ја поддржува ДКСК во спроведувањето на Националната стратегија за спречување на корупција 2021-2025.

„Корупцијата е една од главните пречки на патот кон напредокот и развојот на државата. Токму затоа, ние во УНДП сме фокусирани на поддршка на имплементацијата на дигитални алатки и методолошки пристапи кои помагаат владата и институциите на сите нивоа да бидат отпорни на корупција преку намалување на бројот на можни точки на корупција во процесот на пристап до јавни услуги. Преку своите проекти и програми, имаме имплементирано различни алатки, кои на интегриран начин поддржуваат спречување на корупцијата на локално ниво, пред сè со поттикнување поголема транспарентност, отчетност и учество на граѓаните во носењето одлуки“, изјави Билјана Цветановска Гугоска, раководител на Секторот за демократско владеење во УНДП.

Во моментов со поддршка на УНДП се изготвува и Методологија за проценка на ризиците од корупција во јавните претпријатија, по што ќе се пристапи кон подготовка на Програма за спречување на корупција во јавните претпријатија како дел од системските напори за справување со корупција на сите нивоа во јавните институции. Во насока на намалување на корупцијата на локално ниво, УНДП во соработка со Државната комисија за спречување на корупција изработи и Прирачник за интегритет и судир на интереси и негова практична имплементација во општините.