Тркалезна маса за АКМИС-системот и Законот за управување со движењето на предметите
Министерството за правда, со поддршка на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, денеска организираше тркалезна маса со наслов „Право на независен и непристрасен суд – Автоматска распределба на предметите – АКМИС систем, Закон за управување и движење на предметите“, на која беа презентирани заклучоците од надзорот на функционалноста на АКМИС-системот во судовите.
На денешниот настан со воведни говори се обратија Дајана Палекин, политички офицер во Амбасадата на САД, Рената Дескоска, министерката за правда, Валентина Шаурек, државен советник за правосудство, Лазар Нанев судија и професор, Гордана Лажетиќ, експерт и професор.
Во фокусот на денешниот настан беше новиот Предлог-законот за управување со движењето на предметите во судовите, чија основна цел е усогласување со реформските закони од областа на правосудството.
„Со Предлог-законот за управување со движење на предметите во судовите се зајакнуваат механизмите за aвтоматска распределба на предметите во судовите и се прецизира надлежноста на органите и телата утврдени со законитe и Судскиот деловник“, беше образложено на тркалезната маса.
Целите на законот се: обезбедување на правото на природен судија при распределба на предметите во судовите, управување со движењето на предметите во судовите во Република Северна Македонија преку користење на автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети, спречување на застој во движењето на судските предмети, спречување на создавање на заостаток на нерешени судски предмети и почитување на законските рокови за преземање на процесните дејствија, законските рокови за донесување, изготвување и објавување на судските одлуки и роковите определени со овој закон.
Во своето обраќање министерката Дескоска истакна дека не е воопшто лесно да се врати довербата која се губела десет години, но дека со доследна имплементација на новите законски решенија од страна на судовите може да се зајакне кредибилитетот и угледот на судството.
Дескоска истакна дека со последните измени и дополнувања на Законот за судовите се зајакнал и контролниот механизам над примената на Автоматизираниот систем за управување со судските предмети, познат како АКМИС.
Оваа година, Министерството за правда планира да изврши надзор над функционалноста на АКМИС-системот во 16 судови. Досега, завршен е надзорот над осум судови, односно половина од предвидените за оваа година.
Комисијата за надзор, во согласност со Планот за надзор донeсен во февруари 2019 година, досега го изврши увидот во функционалноста на АКМИС во следните осум суда: Управниот суд, Вишиот управен суд, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд Кавадарци, Основниот суд Куманово, Основниот суд Тетово и Основниот суд Кичево. Надзорите ќе продолжат до крајот на годината.
„Од завршениот увид досега се заклучи дека движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС-системот, а распределба и прераспределба на предмети се врши електронски и досега не се забележани случаи на доделување на предмет на рака“, истакна Дескоска.
Натаму, таа додаде дека судиите редовно вршат прием на предмети електронски, изземањата на судиите се врши по законска процедура и врз законски основи, а исклучување и вклучување на судии од АКМИС се врши со образложена одлука заради отсуство подолго од пет дена.
Годишните извештаи за распоред на судии се менуваат заради организациски потреби на судот и избор или заминување на судија во пензија или делегирање на судија во друг суд, додека пак предметите во судовите се распределуваат еднаш дневно во 14:30 часот, а итните веднаш.
Одлуки за рачна распределба на предмети има кај предметите по кои постапува само еден судија, и во овој случај предметите се распоредуваат електронски со тоа што истите се доделуваат на ист судија.
„Надзорот покажа одреден број на слабости кои системски треба да се решаваат, но истовремено покажа и на исклучително подобрена работа во делот на автоматската распределба на предметите, односно во сите контролирани судови, АКМИС-системот е во употреба“, потенцираше министерката за правда.
Во тек е изготвување и на нов Закон за управување со движењето на предметите во судовите, информираше министерката Дескоска, која додаде дека со новото законско решение се предвидува зајакнување на механизмите за автоматска распределба на предметите во судовите се врши прецизирање на надлежностите на телата и органите задолжени за примена и контрола на АКМИС и на законски основ се прецизира задолжителноста на користењето на Автоматизираниот систем за управување со предметите во судот.
Дескоска истакна дека останува едно прашање за коешто Комисијата долго дебатира во Министерството за правда. Станува збор за изигрувањето на АКМИС-системот најчесто од страна на странките и клиентите во судот. На тој начин што адвокатите покренуваат повеќе постапки за еден ист предмет, па кога предметот ќе биде автоматски распределен, доколку не им се допадне судијата, тие го повлекуваат предметот, и тоа го прават повеќе пати сè додека предметот не биде доделен автоматски кај посакуваниот судија.
„Се надевам дека ќе изнајдеме решение кое ќе превенира една ваква ситуација, да нема можност со изигрување на системот да можете да таргетирате судии. Тоа прашање треба да се решава не само преку измени на АКМИС-системот, туку и со соодветна законска основа за казнување и спречување на ваквото играње со системот “, потенцираше Дескоска.
Своето обраќање министерката Дескоска го заврши цитирајќи препорака на Европската комисија од Извештајот за напредокот на земјата: „Покрај законските промени, од суштествено значење е сите правосудни институции да бидат пример и да придонесат, преку дополнителни напори, на враќање на довербата на јавноста во правосудството.“
Објавен Предлог-законот за управување со движењето на предметите во судовите
Донесени се заклучоци во врска со состанокот на Поткомитетот за правда и внатрешни работи
Во подготовка Закон за управување со движењето на предметите во судовите
М.В