Тркалезна маса за финансиски криминал и зајакнување на механизмите за финансиска истрага
Во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија, денес (7 јуни 2019 година) на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово се одржа тркалезна маса на работната група за Поглавјето 24 на тема: „Следејќи го патот на парите: зајакнување на механизмите за финансиски истраги“.
Во своето воведно обраќање, ректорот на УЈИЕ, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, рече дека во својство на институција домаќин се чувствуваат среќни што придонесуваат во подигнувањето на квалитетот на темите што се разгледуваат во овој значаен процес.
„Овој инклузивен процес се одржува во институција која го има европскиот префикс и нема посоодветни места од универзитетите, каде што сите страни можат да бидат послободни, поотворени и повеќе да придонесуваат во ова насока. Ние како Универзитет остануваме целосно достапни со сите наши ресурси и експертиза за поглавјата 23 и 24“, рече ректорот Беџети. Тој ја нагласи важноста за конкретни чекори во економскиот развој бидејќи во спротивно егзодусот на населението ќе се влоши.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изрази задоволство бидејќи се дебатира за јакнењето на капацитетите за борба против корупцијата, што е од општ интерес за целото општество.
„Нашата цел е да се обединиме и да работиме против секаков вид организиран криминал и да бидеме одлучни во владеењето на правото и правдата во земјата”, рече Спасовски.
„Одлучна и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е приоритет на секоја држава која е определена кон воспоставување на демократија, владеење на правото и правна држава“, нагласи Спасовски.
Пригоден говор одржа и проф. д-р Блерим Река, кој зборуваше за меѓународното искуство и за чекорите што ги следеа другите земји во оваа област за време на процесот на пристапување во ЕУ.
На дебатата присуствуваа експерти од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Република Словачка, професори, претставници на Основниот суд во Скопје, Европското движење, финансиските сектори на Владата, како и претставници на Специјалното јавно обвинителство.
M.В