/ Прочитано:

2.042

Тркалезна маса за правосудство на тема „Презентација и дискусија за нацрт-матрицата за мерење на перформансите на правосудството“

Центарот за правни истражувања и анализи организираше тркалезна маса со претставници од правосудството за презентација и дискусија за матрицата за мерење на перформансите на правосудството.

Во рамките на програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Република Македонија“, финансирана од Британската амбасада Скопје, Центарот за правни истражувања и анализи организираше тркалезна маса со претставници од правосудството на тема „Презентација и дискусија на нацрт-матрица за мерење на перформансите на правосудството“.

На настанот учествуваа судии од сите нивоа на судството во Македонија, претставници од Министерството за правда, Судскиот совет на Република Македонија и Државното правобранителство, како и адвокати, обвинители, извршители и нотари.

На тркалезната маса беше претставена нацрт-матрицата која беше изготвувана низ долг и инклузивен процес во изминативе 3 години. Во нејзината подготовка беа вклучени меѓународни и национални експерти, правници, методолози и статистичари. Притоа, на работните средби за изработка на индикаторите на матрицата и методологијата за нејзино спроведување, беа присутни претставници од Министерството за правда и Судскиот совет кои придонесоа за усовршување на матрицата со своите конструктивни забелешки и коментари.

На почетокот на настанот, накратко беа презентирани правните области опфатени со матрицата, целните групи и самите индикатори кои ќе бидат показател за состојбата во судството, кои потоа беа дискутирани и коментирани од присутните гости, со цел и нивните видувања да бидат инкорпорирани во финалната матрица.

Во вториот дел беше претставена методологијата која ќе биде користена при спроведувањето на матрицата, репрезентативниот примерок и начинот на обработка на добиените резултати. Присутните дадоа конструктивни коментари за најсоодветниот начин за доставување на прашалниците и непристрасност во начинот на мерењето кои ќе бидат земени предвид при доработката на матрицата.

На крајот, учесниците дискутираа за потребата од овој начин на инклузивно и објективно мерење на перформансите во судството, како почетна точка особено во период во кој се донесува нова стратегија за правосудството во Република Македонија. Дел од препораките водеа кон тоа дека во иднина по спроведувањето на мерењето за судството би било корисно да се изготват и посебни мерења за адвокатите и јавните обвинители, со цел да се добие целосна слика за состојбата во правосудството.

М.В