/ Прочитано:

1.724

Тркалезна маса за развојот на нотаријатот во Република Македонија

Денеска во организација на Нотарската комора на Република Македонија се одржа тркалезна маса на тема „Развојот и работата на нотаријатот во Република Македонија и неговиот придонес за остварување на поефикасен правен систем и правна сигурност“.

„Оваа тркалезна маса има за цел да ја нагласи значајната улога на нотаријатот во Македонија, кој е еден од најбитните чинители во правниот систем на Република Македонија“, истакна на почетокот на настанот претседателот на Нотарската комора на Македонија, Васил Кузманоски.

Според поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, македонскиот нотаријат има придонес во ефикасноста на правниот систем, што особено се огледа преку растоварувањето на судовите од предмети.

„Достигнувањата во овие десет години, но и претходно од 1996 кога е донесен првиот Закон за вршење нотарски работи и стекнатите искуства претставуваат силна гаранција за натамошен развој и постигнување уште поефикасни резултати“, истакна Маневски, посочувајќи дека во изминатите 10 години работеле на речиси 14 милиони премети, како што се нотарски акти, заверки и потврди, платни налози, оставински предмети.

Според Ричард Бок, претставникот на Меѓународната унија на нотарите, филозофијата на латинскиот нотаријат се темели врз принципот дека задачата на нотарот е да биде одговорен не само кон своите клиенти, туку и кон својата земја.

На денешниот настан беше изразено и незадоволство од новиот Закон за нотаријатот, кој, како што беше истакнато, предвидува вклучување адвокати во постапки пред нотар, како оставински постапки или купопродажни договори за движен и недвижен имот над 10 илјади евра. Нотарите сметаат дека ваквите новини ја усложнуваат постапката.

За претставникот на Меѓународната унија на нотарите, Ричард Бок, сѐ уште е рано да се види како функционира овој закон во практиката, но и тој, како и неговите колеги нотари, смета дека новото законско решение ја усложнува постапката.

Со новиот Закон за нотаријатот се уредуваат: организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот.

Во образложението за новиот Закон за нотаријатот се истакна дека со унапредување на функционирањето на нотаријатот во Република Македонија, ќе се овозможат услови за успешна примена на Законот во практиката, ќе се зголеми степенот на правната сигурност во правниот промет и ќе се остане во чекор со современите текови во поразвиените латински нотаријати.

М.В