Тркалезна маса за уставното судство
„Во организација на Институтот за човекови права се одржа тркалезна маса во рамките на проектот „Уставниот суд – заштитник на владеењето на правото“, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.
На овој настан свои поздравни обраќања имаа претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, министерот за правда, Бојан Маричиќ, и Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија.
Во своето обраќање, претседателот на Судот, Сали Мурати, ја оцени „Функционалната анализа на Уставниот суд на Република Северна Македонија“, која во рамките на овој проект беше изготвена од д-р Темелко Ристески, како успешен обид за детектирање на проблемите со кои се соочува Уставниот суд, каде што е точно дефинирано она што го предвидел Уставот во однос на Судот и неговата поставеност и каде што се дадени одредени заклучоци во однос на основните прашања за целокупната проблематика.
Претседателот Мурати информираше дека на почетокот од оваа година Судот, врз основа на Деловникот на Уставниот суд, донесе акти за организација и систематизација на Стручната служба, за плати на вработените и за вработување и унапредување во службата, со што во целост се оствари административната самостојност на Судот, кој самиот ќе одлучува за организацијата на својата служба, за платите на вработените и за пополнувањето на работните места, а на кој предуслов за целосна самостојност и независност се укажува во самата анализа. Уште повеќе, во пракса овие акти веќе се применуваат и веќе се во завршна фаза со извршен конечен избор, со што се започна со имплементирање на темелната вредност на уставниот поредок – соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
На крајот од своето излагање, претседателот на Судот Мурати рече дека во идниот период треба да бидат преземени три основни чекори во натамошното целосно остварување на самостојноста и независноста и уставната улога на Уставниот суд: целосна буџетска самостојност, унапредување на статусот на уставните судии и унапредување и проширување на уставносудската заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Покрај ова, претседателот Мурати имаше посебно излагање на тема „Уставносудска пракса“ за кое имаше посебна дискусија“, соопштуваат од Уставниот суд.
М.В