/ Прочитано:

1.892

Трудовата миграција во фокусот на Меѓународната конференција на трудот во Женева

„Во однос на образовната структура на мигрантите, и натаму продолжи емиграцијата на високообразовни кадри, а тоа го потврдува и индикаторот на одлив на мозоци (brain drain) на Светскиот економски форум, според кој Македонија се наоѓа во групата на десетте земји со најголем интензитет на ‘одлив на мозоци’. Во изминатиот период овој тренд во Република Македонија достигна загрижувачки димензии, при што континуирано се зголемуваше бројот на младите, средношколци и студенти, како и високообразовни кадри кои размислуваа или планираа да заминат во странство”, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на конференцијата.

Примената на конвенциите и препораките, вработување и пристојна работа за мир и отпорност, трудови миграции, дискусија за стратешките цели на фундаменталните принципи и права на работа, се темите на кои се дискутира на 106. Меѓународна конференција на трудот во Женева која се одржува во периодот од 13 до 16 јуни 2017 година. На дневен ред се и Програмата и буџетот за 2018-2019 година.

Делегацијата на Република Македонија ја предводи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, а е составена од претставници на Владата, претставник од Сојузот на синдикатите на Македонија, од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и претставник од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Во рамките на конференцијата, Царовска се обрати до делегатите на темата „Трудови миграции“, при што рече дека територијата на Република Македонија е традиционално емиграциско подрачје и дека во последниот период емиграцијата во основа се одвиваше под влијание на повеќе социоекономски фактори.

„Во последните години, трајната емиграција остана релативно голема, односно стапката на емиграција изнесува 26,8%, а значителен пораст забележа и привремената емиграција во странство, поради вработување, семејни причини, школување или по други основи. Структурата на миграцискиот контингент според род и возраст укажува на значителни промени во релативно краток временски интервал, при што учеството на жените во вкупниот миграциски контингент значително е зголемено. Во однос на образовната структура на мигрантите, и натаму продолжи емиграцијата на високообразовни кадри, а тоа го потврдува и индикаторот на одлив на мозоци (brain drain) на Светскиот економски форум, според кој Македонија се наоѓа во групата на десетте земји со најголем интензитет на ‘одлив на мозоци’. Во изминатиот период овој тренд во Република Македонија достигна загрижувачки димензии, при што континуирано се зголемуваше бројот на младите, средношколци и студенти, како и високообразовни кадри кои размислуваа или планираа да заминат во странство”, нагласи Царовска на конференцијата.

Имајќи ги предвид глобализацијата и трендовите, Република Македонија пристапи кон Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, со цел спроведување на политики кои имаат за цел намалување на невработеноста во државата со посебен фокус на младите, бидејќи стапката на невработеност кај младите е сè уште висока и секој втор млад човек е невработен.

„Би сакала да нагласам дека Република Македонија, како и повеќето земји од Југоисточна Европа кои се карактеризираат како земји на емиграција, се соочува со проблемот на голем миграциски потенцијал кај населението кое својата времена миграција мошне често ја трансформира во трајна миграција при што се губи еден витален и значаен дел од населението. Не ретка е и појавата каде што обучените работници во земјата на дестинација прифаќаат да работат на работни места под своите квалификации, при што во ваквите случаи, нивниот потенцијал се пропушта и во земјите каде што доаѓаат и во земјите од каде што заминуваат. Поради сето ова, наша обврска е на граѓаните да им дадеме вистински информации доколку се решат да побараат вработување надвор од границите на својата држава и да ги заштитиме нивните работнички права“, подвлече Царовска.

Таа информираше дека Република Македонија има донесено „Резолуција за миграциската политика на Република Македонија 2015-2020“, каде што ги посочи приоритетите поврзани со миграцијата и потенцираше дека врвните приоритети во политиките за вработување на новата реформска Влада на Република Македонија ќе бидат насочени кон справување со младинската невработеност, како главна причина за масовното иселување на младите.

Според Царовска, фокусот ќе остане на циркуларната миграција со цел задржување на виталниот дел од населението во рамки на државата и ненарушување на системите за социјално, пензиско и здравствено осигурување, а европската перспектива и постепената интеграција во Европската Унија се клучен елемент на политичкиот и економскиот развој на секоја држава.

Во насока на продолжување на долгогодишната и плодна соработка со Меѓународната организација на трудот, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска оствари средба и со директорот на Меѓународната организација на трудот за Европа и Централна Азија Хајнц Колер.

А. Б.