/ Прочитано:

1.412

Трудово-облигациони дилеми за хонорарците: Новите законски измени ќе стимулираат „квази-работни“ односи

Идеја која во принцип е благородна, но проследена со неквалитетни законски решенија, кои се суштински и номотехнички дискутабилни и проблематични, а во праксата ќе создадат стимулација на „работа на црно“, се дел од коментарите и конструктивните критики за новите измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и пакетот меѓусебно поврзани закони.

Собранието на Република Македонија по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за работните односи, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и на Законот за здравствено осигурување.

Објаснувања пред Економско – социјалниот совет

Законските измени беа разгледувани и на Економско – социјалниот совет. На хонорарец ангажиран со договор на дело или авторски договор, кој има ангажман во три различни фирми, а од сите поединечно прима износи што годишно се поголеми од 12 минимални плати во државата, сите тројца работодавци поединечно ќе му исплаќаат социјално осигурување, односно пензиски, здравствени и придонеси за вработување на износот што му го исплаќаат. Хонорарецот кој од три места прима износи помали од минималецот, а вкупно поголеми од минимално загарантираната плата во државава, мора сам да ги пријави примањата и да си уплаќа придонеси на основица што ќе ја пресмета Фондот за пензиско. Ова е објаснувањето што го добиле работодавците и синдикалците на седницата на Економско-социјалниот совет.

Од Конфедерацијата на работодавци на Македонија, истакнуваат дека ваквите решенија може да доведат до демотивација на вработувањето и законско решение да има спротивен ефект врз заложбите за поголема вработеност во државата, но и ефект на засилување на сивата економија.

Од друга страна пак, од Владата велат дека измените уследиле по поплаките дека токму избегнувањето плаќање придонеси од сопствениците на компаните е причина работниците да не добијат вработување на определено време, но и од праксата за плаќање придонеси во европските држави.

Законското решение ќе отвори многу дилеми во праксата, сметаат експертите

Она што е впечаток на стручната јавност е дека во законските измени постојат предности, но исто така, постои и евидентно „мешање“ на трудовото и облигационото право што доведува до нарушување на принципите на облигационите односи како правна слобода, нешто што во праксата ќе создаде конфузија, нејаснотии и отворање на многу правни дилеми и прашања.

Имено, според законските измени, за хонорарците, лицата кои работат со договор на дело или друг вид договор, но и лицата кои се во работен однос, а кои дополнително, односно хонорано остваруваат примања по основ на авторски договор и договор за дело ќе мора да се уплаќаат и придонеси за пензиско и за социјално и здравствено осигурување.

Понатаму, се предвидува дека лицата пак, кои заработуваат од повеќе хонорари или од повеќе договори за дело, придонесите ќе ги плаќаат на збирниот нето износ на приходите, ако тој го надмине износот на минималната плата утврдена со закон, а законска обврска  на хонораците и на нивните работодавачи е да го пријават хонорарното работење или договорот за дело кај надлежните институции кои треба да ги евидентираат во своите регистри.

„Договорот за дело, односно авторскиот договор спаѓа во доменот на приватното право, а новите решенија се во доменот на јавното право.Согласно Законот за облигациони односи, таквата обврска за придонеси не постои, но тоа не значи дека одредени прашања не може да се регулираат со друг закон, како што всушност е и во овој случај. Како и да е, решението ќе отвори многу дилеми во праксата и затоа е потребно да се разгледа подетално и да се види усогласеноста со другите прописи“, истакнува проф. д-р Јадранка Дабовиќ, професорка по облигационо право.

Проф. д-р Кирил Чавдар истакнува дека целта на законските измени е тоа што државата сака да ги обезбеди оние кои извршуваат работа преку авторски договор или договор за дело. Тој укажува дека посочените договори се уредени со Законот за облигационите односи, но, според него, тоа не значи дека законското решение кое го третира облигациониот договор како основа за придонесите е во противречност со други закони или дека проблематиката не може да се разработи во два посебни закони.

„Во овој случај едно е прашањето за колизијата на прописи, а друго е прашањето за уставноста“, вели професорот.

Мешање на трудовото и облигационото право и создавање на дополнителен „квази-работен однос“

“Идејата за ставање во системот на социјално осигурување на лицата кои остваруваат приходи по авторски договор или договор за дело, т.н. хонорарци, е добра и истата треба да спречи одредени злоупотреби кои се јавуваа во минатото, а беа во насока кон тоа одредени лица кои не се невработени да остваруваат приходи, а социјалните права како што се пред сè, социјалното осигурување, го остваруваат преку државата, односно на товар на државата. Со овој новите измени, лицата хонорарци, но потенцирам: кои се невработени, ќе влезат во системот на задолжително социјално осигурување, што е добро за нив самите, државата и општеството во целина. Но, сакам да истакнам, дека покрај овие предности, овој закон во себе крие една замка, која веруваме дека е ненамерен превид, ќе го руши системот и е во директна спротивност со целта на закононските измени“, вели Доц. д-р Лазар Јовевски, професор по трудово и социјално право.

Тој потенцира дека нема никаква трудово-правна основа за лицата кои веќе се во работен однос и кои плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнително да ги плаќаат истите придонеси и во случај доколку имаат склучено облигационо правно дело како авторскиот договор или договорот за дело.

„Значи, веќе вработените лица ќе ја немаат правната слобода да склучуваат посебни облигациони договори бидејќи и де јуре се создава дополнителен „квази-работен однос“, а е паралелен со постоечкиот. Тоа во пракса би можело да доведе до проблем, нејаснотии и мешање на трудовото со облигационото право, што во крајна линија не е решение кое е содржано во компаративното право, нагласувам: со ваква нормативна содржина. Тука особено истакнувам дека посебно правно прашање е предвидувањето на плаќањето на персонален данок и придонесите за социјално осигурување“, нагласува  Јовевски.

Ќе се мотивира „работата на црно“

Од Адвокатската канцеларија „Пепељуговски“ сметаат дека, во принцип, решението не е добро и додаваат дека апсолутно немало потреба од воведување на нови обрски за вршителот на услугата, односно авторот.

„Мислиме дека ова ќе доведе до отежнување на околностите, затоа што во тој случај самиот договор за дело ќе се избегнува заради зголемените придонеси бидејќи и постои како можност договорот на определно време, за кој има помали придонеси. Друга слабост е што ќе се развие повеќе и, популарно кажано, „работата на црно“. Оданочувањето, надоместокот за услугата и самиот придонес репулсивно ќе влијаат за склучувањето на посочените договори.Според решението, самото лице кое е вршител на услугите треба да се пријавува во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а истото се однесува и на оние кои веќе се вработени, а дополнително извршуваат услуга за таков авторски договор, односно договор за дело. Секако, на овој начин тие лица ќе бидат дупло оптоварени. Исто така, не треба да се занемари дека и авторските агенции ќе имаат негативни последици од законското решение“, велат од Адвокатската канцеларија „Пепељуговски“.

Од Македонската авторска агенција, пак, велат дека од најавите за законските измени, несомено се добил впечатокот дека новото решение ќе ги зголеми трошоците и бидејќи се работи за законско решение кое засега повеќе чинители во процесот, помеѓу кои и нивниот делокруг на работа,  свое интегрално и подетално соопштение и реакција најавуваат за утрешниот ден.

Ако веќе се плаќа, нека се плаќа за сите

Раде Ненадиќ од Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“ вели дека измените ќе предизвикаат позитивен ефект и нагласува дека тие одамна се поборници да се донесе вакво решение.

„Би сакал да напоменам дека вакви решенија веќе постојат во други земји.Тоа се Бугарија, Австрија, Чешка, Унгарија, Италија, Норвешка, Полска, Словенија, Словачка, Холандија, Хрватска и други.Се работи за закон кој е сосема јасен, и не е во колизија со други законски прописи.Единствено не се согласувам што постои лимитот за минимална плата. Треба да се плаќа придонес и под тојлимит. Овие лица се ставаат во нерамноправна положба во однос на другите и тука треба да се интервенира“, посочува тој.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 24.07.2014