Труењето со храна во угостителските објекти подлежи и на кривичноправни санкции
Масовните труења со храна подлежат и на кривичноправна санкција. Во однос на последните случаи, засега во најава е покренувањето кривични постапки. Санкциите за производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти се предвидени во член 213 од Кривичниот законик. Според став 1, тој што произведува заради продажба, продава или на друг начин пушта во промет штетни прехранбени продукти или пијалаци или средства за лична хигиена, нега или други штетни продукти, со што ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
Само во последните 2 месеца беа регистрирани десетина случаи на труење од храна. Речиси сите пријави се однесуваа на сендвичарници, ресторани за брза храна и гостилници. Поголемиот дел од затруените лица беа хоспитализирани на неколкудневен третман поради сериозни последици врз нивното здравје. Според познавачите на состојбите, единствена среќна околност е фактот дека немаше ниту еден смртен случај.
Досега, ниту едно од лицата не побарало отштета. Според адвокатите, ретко се случува граѓаните во вакви случаи да покренат граѓанска постапка.
„Лицето кое било затруено може да побара материјална и нематеријална штета. Првата би ги вклучувала трошоците за болничко лекување, хоспитализацијата, понатамошните третмани. Нематеријалната штета би се однесувала на претрпен стрес, загубена заработувачка во деновите кога отсуствувал од работа итн.“, вели адвокатот Павлина Зефиќ.
За неа е нејасно зошто граѓаните не го користат ова свое право бидејќи тоа можат да го остварат доколку имаат обезбедено соодветна медицинска документација и записници од надлежните институции, кои ги содржат резултатите за утврдената вина на субјектот (сендвичарница, гостилница, ресторан).
„Можам да се сетам само на еден случај кога беше поведена постапка пред судовите. Семејството на лице кое почина од салмонела како последица од затруена храна поднесе побарување врз основа на нематеријална штета. Постапката заврши во нивна корист, бидејќи ја добија тужбата“, појаснува Зефиќ.
Ваквите масовни труења со храна подлежат и на кривичноправна санкција. Во однос на последните случаи, засега во најава е покренувањето кривични постапки. Санкциите за производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти се предвидени во член 213 од Кривичниот законик. Според став 1, тој што произведува заради продажба, продава или на друг начин пушта во промет штетни прехранбени продукти или пијалаци или средства за лична хигиена, нега или други штетни продукти, со што ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
Став (2): Ако делото од став 1 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
Став (3): Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
Став (4): Штетните прехранбени и други продукти ќе се одземат.
Еден од последните случаи кога Јавното обвинителство спроведе истрага за сторено кривично дело по оваа основа беше за случајот кога 220 вработени од тетовската фабрика „Леар“ добија труење од храна. Тогаш тетовското Јавно обвинителство поведе истрага.
Државниот санитaрен и здравствен инспекторат појаснува дека од нивна страна во изминатиот период биле поднесувани кривични пријави во однос на случаи со масовно труење од храна. Дали тие понатаму ќе бидат процесуирани, како што велат оттаму, е одлука на Јавното обвинителство.
Надлежностите на оваа институција се регулирани со Законот за санитарна и здравствена инспекција и Законот за заштита на населението од заразни болести. Постапка за надзор врз објектот (гостилница, ресторан, сендвичарница) се иницира во случај кога има службено известување од здравствена установа или од центрите за јавно здравје дека станува збор за акутно труење од храна. Тогаш државниот санитарен и здравствен инспекторат е должен во согласност со своите надлежности да излезе на лице место, заедно со претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и со претставник од епидемиолошката служба од центрите за јавно здравје. Се земаат брисеви од жива и од нежива средина (просториите во објектот, храната), како и од вработените (од нос и од грло). Ова е потребно за да се утврдат изворот и предизвикувачот на заразата. Потоа објектот се затвора, за да се прекине синџирот на евентуални идни случаи. Санитарниот инспекторат нема надлежност трајно да го затвори објектот, туку само превентивно времено, колку што е потребно за да се преземат сите следни противепидемиолошки мерки. Се чека на резултатите од земените брисеви, од мострите од храна и на конкретна информација од центарот за јавно здравје за тоа кој е предизвикувачот. Во меѓувреме, во објектот мора да се извршат дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Објектот може да се отвори дури откако ќе бидат добиени соодветни резултати, а со тоа и соодветни безбедни услови за работа. Досегашното искуство покажува дека сопствениците на овие објекти максимално се обидуваат да излезат во пресрет на сите барања на надлежните институции, бидејќи од суштинска важност им е потребата што побргу повторно да почнат со работа.
Според Законот за заштита на населението од заразни болести (член 44), здравствено-санитарни прегледи, заради спречување на заразни болести, се задолжителни за неколку категории вработени, меѓу кои лицата што доаѓаат во контакт со производството и прометот со храна, при снабдувањето на населението со вода за пиење, како и за објектите и просториите каде што таа дејност се одвива.
Во досегашната практика, најголемиот број случаи на труење од храна завршиле со прекршочни пријави што ги покренува Агенцијата за храна и ветеринарство. Нивните инспектори вршат контрола секаде каде што се подготвува и се служи храна. Претходно, секој од тие објекти мора да биде регистриран во базата на агенцијата. Покрај редовните контроли што се вршат на еден месец и на три месеци, тие можат да бидат и вонредни. Глобите што ги изрекуваат во случаи на утврдена неправилност во работењето се содржани во Законот за безбедност на храна, во членовите 131, 132, 133 и 134. Износот се движи од 300 до 10.000 евра.
А. Б.