Царинска управа минатата година наплатила една милијарда евра
Петок, 12 април 2013 – Царинската управа минатата година наплатила вкупно 63,9 милијарди денари или околу една милијарда евра, што е за 3,5 % повеќе од 2011 година, соопштија денеска од оваа установа која одбележи 21-годишниот јубилеј. Со невалидни и фалсификувани преку 20.000 документи, увозниците минатата година се обиделе да избегнат плаќање давачки во вредност од околу 875 милиони денари.
„Наплатени се 4,07 милијарди денари на име царина и други царински давачки со еквивалентен ефект што е приближно еднакво на планираното, а за околу 7 проценти повеќе во однос на 2011-та кога беа наплатени 3,8 милијарди денари“, посочи директорот на царина, Ванчо Каргов.
Притоа, со невалидни и фалсификувани преку 20.000 документи, увозниците минатата година се обиделе да избегнат плаќање давачки во вредност од околу 875 милиони денари.
Ова е само еден од билансите во ланското работење на Царинската управа која денеска одбележува 21 година постоење.
Според директорот на Управата, Ванчо Каргов, Царината и во 2012 година продолжи со спроведувањето на реформите и обврските, заштита на фискалните интереси на државата, обезбедување конкурентен економски амбиент и исполнување на условите за влез во ЕУ. Лани се регистрирани вкупно 222 трговски марки за царинска заштита на права од интелектуална сопственост меѓу кои: Пума, Адидас, Зара, Лакост, Нутела, Прада, Херба, Натрен, Ариел, Лабело, Косили, Еуцерин, Нивеа, Колгејт.