Царинска управа: Запленети околу 100.000 евра на Табановце
Понеделник, 3 јуни 2013 – Царинските службеници од граничниот премин Табановце спречија обид за нелегално внесување на 90 илјади евра и 28.300 дански круни, информира Царинската управа.
„Во недела, околу 15.30 часот на влез во Република Македонија на граничниот премин пристигна лице со иницијали О.Р., македонски државјанин од Скопје. До границата, О.Р. пристигнал со автобус, но на меѓупросторот помеѓу Србија и Македонија одлучил да слезе од автобусот и да ја помине границата пеш.Заобиколувајќи го цариникот кој во тој момент вршеше преглед на возило, лицето ја помина пасошката контрола. Полициски службеник го стопира десетина метри подолу, враќајки го назад за да му се изврши царинска контрола. Прашан дали има нешто да пријави, лицето одговори дека со себе носи само еден личен лап-топ компјутер. При преглед на неговиот ранец, во два бели коверти, царинскиот службеник пронајде 100.000 евра и 28.300 дански круни (околу 4 илјади евра)“, стои во соопштенито на Царинската управа.
Согласно Законот за девизно работење, резиденти можат слободно да внесат девизни средства во противвредност на 10 илјади евра, па според тоа толкав износ му е вратен, додека останатите 90 илјади евра и 28.300 дански круни (околу 4 илјади евра) се одземени. Против лицето е поведена прекршочна постапка, соопштуваат од Царинската управа.
Претходниот ден, пак, во саботата, на граничниот премин Деве Баир цариниците откриле обид за нелегално изнесување на 15.900 евра. Дента околу 13:00 часот за излез од државата се пријавил автомобил со бугарски регистарски таблички со кое патувале двајца македонски државјанин со иницијали Н.К и Т.С. При контрола на возилото и личен претрес на патниците, кај лицето Н.К. во неговата јакна цариниците пронашле непријавени 17.900 евра. Две илјади евра му се вратени на лицето, а останатите 15.900 се одземени, согласно Законот за девизно работење, информираат од Царинска управа.
Денес пак, на граничниот премин Блаце царинските службеници откриле косовски државјанин во обид нелегално да изнесе 26 илјади евра. И во овој случај, 10 илјади евра се вратени, додека 16 илјади се одземени.
Од почетокот на годинава откриени се 42 обид за нелегално пренесување преку граница на готови пари и хартии од вредност во различни валути, во проттивредност од околу 430 илјади евра, од кои 330.390 евра, 44.000 американски долари, 90.900 швајцарски франци, 13.700 бугарски лева и 28.300 дански круни. Покрај ова одземени се и чекови во противвредност од 99 илјади евра.