ВИДЕО: Царинската управа во бандажи и акумулатор на возило пронајде хероин вреден половина милион евра
Понеделник, 11 февруари 2013 – На граничниот премин „Богородица“ вчера скопјанец се обидел да пренесе 4,5 килограми хероин сокривајќи го во бандажите и во акумулаторот на возилото. Транспортот гo организирало лице од Косово, а дрогата од Турција требала да заврши во малопродажба на косовскиот пазар. Нејзината вредност е проценета на половина милион евра.
Скопјанецот И.С (45) преку специјално направени бункери во бандажите и во акумулаторот на своето возило на граничниот премин Богородица се обидел да пренесе 4,5 килограми хероин, информира Царинската управа. Откако на цариниците им рекол дека двајцата сопатници ги носел на лекар во Истанбул, бил направен детален преглед на возилото.
Во внатрешниот дел на акумулаторот била пронајдена една кеса обвиткана со алуминиумска фолија и самолеплива трака во која биле сокриени 330 грама непозната прашкаста материја. Во бандажите пак биле пронајдени 4.355 грама хероин, или се вкупно 4.685 грама хероин.
Царинската управа ги запленила неколкуте килограми хероин, а МВР поднело кривична пријава против него за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори и веќе му е одреден притвор од 30 дена.
Скопјанецот објаснил дека пред 2 месеци се сретнал со лице од Косово каде паднал договорот тој да изврши транспорт на три килограми наркотична дрога хероин од Турција до Косово, за што му биле исплатени 1070 евра. По извршениот транспорт тој требал да добие уште поголем паричен надомест.
Според договорот, на 6-ти овој месец, изнајмил возило и со сопатниците заминале за Турција. Таму се сретнал со косовскиот државјанин-нарачател на хероинот и со трето лице – турски државјанин, при што им го предал изнајмениот автомобил, а тие изработиле специјален бункер каде ја сокриле пронајдената дрога. Откако го сокриле хероинот, им го вратиле возилото на скопјанецот и неговите сопатници. По ова, се упатиле кон Косово. Хероинот на нарко-пазарот може да достигне цена од половина милион евра.
МВР презема мерки заради целосно расчистување на случајот, утврдување и кривично правно санкционирање и на други инволвирани лица.