/ Прочитано:

987

Цивил: Инциденти и нерегуларности и во вториот круг

Недела, 7 април 2013 – Набљудувачите и активистите од работните групи за превенција на невладината организација Цивил, на денот на гласањето во вториот круг на Локалните избори 2013 година, регистрирале повеќе случаи на нерегуларности и инциденти во повеќето општини каде што има втор круг или прегласување.

„Особено тензична атмосфера е регистрирана во Кочани каде што е многу видливо присуството на полицијата, особено по синоќешните апсења за кои се тврди дека уапсените се припадници на одредена политичка партија. Забележан е и зголемен број на гласачи со придружба“, стои во соопштението на „Цивил“.

Според нивниот извештај, во Велес, набљудувачка на Цивил акредитирана од ДИК и со уреден документ од Цивил е спречена да влезе на избирачкото место 2147. На гласачкото место 2164 регистриран е обид за фотографирање. Во оваа општина, набљудувачи на невладината Платформа за сиромаштија се отстранети од зградата со полиција, за подоцна да им биде овозможен пристап до гласачките места. Забележани се партиски активисти на одредена партија кои стојат пред избирачките места и вршат притисок врз гласачите.

Обид за фотографирање на гласачкото ливче е регистриран и во Ѓорче Петров на гласачкото место 2556.

Во општините Ѓорче Петров, Аеродром и Карпош во Скопје, како и во Тетово се забележува кршење на изборниот молк со дистрибуција на флаери во полза на одредени партии, односно кандидати.

Во Струмица, набљудувачите јавиле за силно присуство на полицијата и тензична атмосфера. Известуваат дека утринава во Струмица е скршена една избирачка кутија и имаше истрели од пиштол-плашливец.

Во Карпош, на гласачкото место број 2593 е регистриран случај на починато лице заведено во избирачкиот список. Истото лице било на списокот и во првиот круг на гласањето.

Во општина Центар, во Капиштец регистрирано е јавно прозивање на гласачите.

Во општина Чаир, партиски активисти внатре во избирачките места имаат листи и ги евидентираат гласачи, а има и случаи на гласање со непревиткани ливчиња (гласачко место 2945). Се регистрира организирано превезување на гласачи. Забележани се и повеќе случаи на семејно и групно гласање, како и обид за гласање со туѓа лична карта. Вакви случаи се забележани и во с. Чајле, општина Гостивар.

Од Тетово доаѓа информација за активисти на одредена партија кои пред ОУ Кирил и Методиј нуделе пари за гласови.

Во Ресен и денеска е забележано присуство на возила од Албанија за кои се претпоставува дека носат гласачи.

Наша набљудувачка на гласачкото место 1020 во Куманово беше под притисок на партиски активист на одредена партија да не прибира белешки и изјави од граѓаните.

Конкретни информации за тоа кои учесници на изборите и чии партиски активисти учествувале во инцидентите и нерегуларностите, ќе објавиме по завршувањето на гласачкиот процес.

Цивил го следи изборниот процес и во вториот круг на изборите, во рамки на проектот Слободни и ненасилни избори, со околу 140 лица распоредени претежно во општините каде што има втор круг или прегласување.